„Зошто се нарекува „Бела лаѓа“, не знам, но под тоа име го препишав рецептот од тефтерот на домаќинката на чија слава бев и кај која ги пробав овие колачиња. Сите на масата бевме воодушевени и веднаш го побаравме рецептот – Марија.




Потребни состојки х2: 5 белки, 150 г шеќер, 150 г сечкани ореви, 1 лист обланда. Ова се состојки за една кора, а потребно е да се направат две, што значи дека потребно е да ги удвоите состојките.




За фил: 10 жолчки, 200 г шеќер, 250 г маргарин или путер на собна температура, 2 кесички ванилин шеќер. Малку сечкани ореви за наросување одозгора. За декорација можете да одберете и нешто друго, по ваш избор.




Постапка: прво оревите кратко испечете ги во рерна, во тепсија обложена со алу-фолија, само колку да се потсушат и да го ослободат мирисот. Потоа оставете ги да изладат, па исечкајте ги или крупно сомелете ги.




Белките изматете ги во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Матете додека шеќерот целосно да се растопи. На крај со лажица додајте ги оревите и внимателно промешајте, да останат белките воздушести.




Со оваа смеса премачкајте го листот обланда од шупливата страна, односно од онаа страна на која релјефните квадратчиња се пошупливи. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 150 степени околу 20-25 минути.




Ова истото треба да се повтори уште еднаш, односно потребни се две вакви кори. За фил: изматете ги жолчките со шеќер и ванилин шеќер додека смесата да побели а шеќерот да се растопи.




Сварете го филот на пареа 10-тина минути, па кога ќе излади соединете го со изматениот путер. Се филува на следниот начин: кора-фил-кора-фил, па одозгора се наросува со сечкани ореви и малку се натапкува со раката. Се изладува и се сече на штангли. / Марија / Сооlinarika.com Прочитајте го и следниот рецепт, за посен колач со ореви, многу вкусен, а многу едноиставен




Потребни состојки: 100 г мелени ореви, 100 г шеќер, 10 лажици било кој негазиран сок, 150 г брашно, 250 мл газирана вода, 1 прашок за печиво, 150 г посен шлаг, 150 мл газирана вода и 50 г блендирани ореви, може и мелени




Постапка: во сокот додајте го шеќерот и мешајте додека да се раствори. Додајте газирана вода. Измешајте го брашното, мелените ореви и прашокот за печиво, па додајте го во претходната смеса и убаво изматете за да се соедини.




Загрејте ја рерната на 160 степени, па во обложен плех со димензии 20х35 см или приближно, излејте ја смесата и рамномерно распоредете. Ставете да се пече околу 25 минути или во зависност од рерната. Печениот бисквит оставете го да излади. Изматете го шлагот со газирана вода, па нанесете врз колачот а одозгора наросете ореви.