I РЕЦЕПТ: Штрудла-баклава со јаболка и готови кори, толку е убава и вкусна, а се приготвува многу брзо. Фото и рецепт: Зорка Јанчева – штрудла баклава.

Потребни состојки: 500 г готови кори, 1 кг јаболка излупени и изрендани, 150-200 г шеќер, 150 г маргарин/путер, 2 лажици цимет, масло за прскање на корите. За шербет: 500 мл вода, 400 г шеќер, 1 ќесичка ванилин шеќер, 1 лимон – рендана кора.

Постапка: јаболката измијте ги, излупете ги, а потоа на крупната страна од рендето изрендајте ги. Ставете ги во тенџере или длабока тава на оган за да ги пропржите. Динстајте ги додека да им испари течноста, а потоа додајте 150-200 г шеќер во зависност од тоа колку се слатки јаболката.

Потоа додајте 150 г маргарин и добро пропржете ги. На крај наросете 2 лажици цимет и соединете. Отворете ги корите и поделете ги на по 3 или 4 кори, во зависност од тоа колку дебели сакате да ви бидат ролатите. Секоја кора прскајте ја со масло, врз неа ставете друга кора, а врз третата или четвртата кора на едниот крај ставете фил.

Свиткајте во ролат. Вака приготвените ролати редете ги во намастен плех, исечете ги на парчиња, одозгора премачкајте ги со масло и ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу половина час.

Печената штрудла треба да излади, па да се полее со врел шербет. За шебет во тенџере на оган ставете 500 мл вода и 400 г шеќер. Откако ќе зоврие на умерено се вари 15 минути, а пред крај му се додава ванила и лимон.

Фото и рецепт: Зорка Јанчева

II РЕЦЕПТ: Баклава каква досега не сте пробале – сите ќе ви бараат рецепт, а тајната е во двата преливи. Рецепт на Домашни Рецепти – Баклава. Ова е рецепт за многу вкусна баклава, каква досега не сте пробале – сите ќе ви го бараат рецептот.

Потребни состојки: 500 г мелени ореви, 500 г блендирани или ситно сечкани ореви, 1 кг домашни тенки кори, 1,2 кг кристал шеќер, 250 г путер, 1 лимонов сок.

Постапка: Во еден поголем сад измешајте ги оревите. Од вкупната количина шеќер, во оревите додајте 5 полни лажици и промешајте.

Потоа потребни се две тенџериња, едно поголемо и едно помало, а во помалото ставете 12 лажици шеќер (од вкупниот шеќер кој преостана), а остатокот шеќер ставете го во поголемото тенџере и додајте 1 литар вода. Во помалото тенџере ставете 250 мл вода.

На оган ставете го поголемото тенџере, па откако ќе зоврие варете 15 минути (ова е сирупот за прелевање на печената баклава). После 15 минути тргнете го оган и веднаш, во врелиот сируп додајте сок од еден лимон. Оставете го целосно да излади.

Потоа на оган ставете го помалото тенџере и почекајте да зоврие со повремено мешање. Од моментот на вриење оставете да се вари 5 минути (овој сируп е погуст и полеплив од првиот). И двата сирупа се тргаат на страна убаво да се оладат.

Ва тивок оган растопете го путерот. Корите отворете ги и израмнете ги според величината на вашиот плех. Одвојте 7 кори кои ќе бидат ставени на дното и 5 кори кои ќе се стават најгоре. Остатокот од кори се редат помеѓу.

Плехот премачкајте го со растопениот путер. Потоа ставете ја првата кора, па втората, па испрскајте со малку путер. Постапката повторете ја со третата, четвртата и петтата. кора. Прелијте со путер, па ставете ги последните две кори. Врз седмата кора не се става путер, туку обилно се наросува со мешавината од ореви.

Потоа се става една кора, малку путер, втора и трета кора, путер, потоа две кори без путер. Повторно обилно ставете мешавина од ореви. Оваа постапка се повторува до крај.

На крај се става една кора, малку путер, втора кора, малку путер, трета кора, малку путер и последните две кори. Кората исечете ја. Одозгора прелијте ја баклавата со остатокот од путерот.

Во меѓувреме баклавата загрејте ја на 150 степени. Ставете ја да се пече (поточно да се суши) околу еден час, додека да добие златно жолта боја. Потоа врелата баклава прелијте ја со ладниот шербети оставете да се олади. Откако ќе се олади прелијте ја и со вториот, погустиот сируп.

Легендата вели дека баклавата е најдобро да се послужи следниот ден, но јас не познавам никој кој тоа го сторил, затоа што таа е толку примамлива што секој сака веднаш да ја проба. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.