Ова е одличен трик, со едно обично пластично шише се постигнуваат фантастични шари. Колачот е многу вкусен, а се приготвува од едноставни состојки. Истиот принцип може да се користи и за други двобојни колачи. Еве што е потребно за да го приготвите овој колач:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелени бисквити, 150 г растопен путер, 1,5 литар млеко, 120 г пудинг со вкус на ванила (3-4 кесички), 200 г шеќер, 150 црно чоколадо. Овие состојки се за калап со флексибилен обрач од 25 см
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете ги мелените бисквити и прелијте ги со растопениот путер. Промешајте со лажица додека состојките убаво да се соединат. треба да добиете смеса со конзистенција на влажен песок.
Смесата рамномерно распоредете ја на дното од калап, претходно обложен со хартија за печење и натапкајте ја со помош на лажица во тенок слој. Земете едно пластично шише и исечете го на половина, па поставете го превртено во средината од калапот.
ЗА ФИЛ: Млекото ставете го во тенџере на умерен оган и додајте 200 г шеќер, прашокот за пудинг со вкус на ванила. Промешајте убаво со жица-маталка да нема грутчиња и варете го кремот додека малку да згусне (не премногу густо, смесата е течна).
Смесата веднаш поделете ја на два еднакви дела, па во едниот дел додајте 150 г црно чоколадо искршено на коцки и мешајте додека тоа да се растопи и целосно да се соедини. Потоа започнете наизменично да истурате по малку од двете смеси врз поставеното шише во калапот.
Притоа ќе се образуваат наизменични чаши како цветови. Кога ќе дојдете при крај, извадете го шишето и пополнете ја средината, исто како и претходно, за и таа да биде шарена. Со помош на чепкалка за заби поминете низ смесата за да ги потенцирате формираните шари.
Вака приготвениот колач оставете го во фрижидер да се олади и стегне, еден час. Потоа извадете го, отстранете го обрачот, па колачот може да се сече и послужи. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.