За овој рецепт нема потреба да стоите над шпоретот и постојано да го мешате ајварот со часови. Еднаш пригответе го според подолу опишаниот начин и ќе се уверите дека и според вкусот, квалитетот и според постапката на приготвување ги надминува сите други рецепти. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 кг исчистени и исцедени пиперки, 500 г исчистени и исцедени лути пиперки или по вкус, 1 кг испечен и исчистен модар патлиџан, 200-400 мл масло, 1 помала главица лук – 4 чешниња, 2 лажици оцет, сол по вкус




Постапка: Пиперките измијте ги убаво под млаз ладна вода, избришете ги и испечете ги на плотна или во рерна. Најдобро е ако ги печете во плотна, бидејќи ако ги печете во рерна дел од нивниот сок истекува и на тој начин се губи малку од вкусот, но не премногу.




Истото направете го и со модриот патлиџан, но него засечете го на неколку места за да не пукне при печењето. Кога ќе се испечет редете ги во некое длабоко тенџере, поклопете ги и оставете ги така да изладат.




Може да ги полните и во кеси и добро да ги затворите. Потоа излупете ги и исчистете ги од семките и дршката. Ставете ги во цедалка да се цедат преку цела ноќ. Некои ги мијат во ладна вода за да ги отстранат сите семчиња, но и на тој начин се губи дел од нивниот сок.




Истото направете го и со модриот патлиџан и со лутите пиперки. Следниот ден печениот и исцеден зеленчук сомелете го заедно со лукот (одредете ја сами количината на лук, но не претерувајте за да не преовладува).




Сè измешајте и ставете во големо и широко тенџере што го собира во рерна. Вклучете ја рерната на 175 степени и ставете да се пече. Кога ќе видите дека почнало да „крчка“, додајте половина од маслото, убаво промешајте и вратете да се пече.




Повремено проверувајте и промешувајте. На половина од печењето додајте сол, промешајте и додајте го преостанатото масло, па продолжете со печењето. Ајварот е готов кога со лажицата ќе поминете по дното од тенџерето, а останува траг позади неа.




Додајте 1-2 лажици оцет и промешајте (прво ставете една лажица, па пробајте, а ако е потребно додајте уште една лажица, во зависност од тоа колку е кисел оцетот). Ајварот полнете го во стерилизирани топли тегли, па вратете ги во рерна (отворени), исклучете ја и оставете ги да се запечат.




Кога ќе изладат теглите, внимателно извадете ги, па одозгора во секоја тегла може да ставите по малку врело масло (не мора), па дури потоа да ги затворате теглите. На овој начин ќе обезбедите дополнителна заштита од расипување.




Овој чекор за потпекување на теглите во рерна може да го прескокнете, па уште додека ги полните со врелиот ајвар веднаш да ги затворате и превртите за да се вакумираат. Секоја домаќинка има свој начин на презервација, вие одберете го начинот кој накмногу ви одговара.