За мене вистинска бајадера е кога се крши под заби, а во устата буквално се топи. Е, оваа е токму таква, само е потребно да се добие вистинската густина на смесата.

Ако смесата излезе премногу ретка, тогаш бајадерата се рони, а доколку е премногу густа, тогаш се растура и не компактна.

Затоа, пред да почнете да ја правите треба да го знаете ова. Многу лесно се приготвува и навистина е едноставна, но важно е да ја „пoгодите“ густината. Најдобро е мелените кекси да ги додавате постепено додека ја замесувате смесата.

Ќе испробате дали е добра густината на следниов начин: во една лажица земете малку од смесата, а со друга притиснете ја.

Истресете ја во тенџерето: ако не се растура, значи дека смесата е добра, а ако се цеди како течност, тогаш додајте уште кекси. Еве што ви е потребно за овој рецепт:

Потребни состојки:

300 г шеќер,
200 мл вода,
200 г путер/маргарин,
300 г несослени мелени кикирики,
околу 300 г мелени бисквити по избор,
50 г темно чоколадо или 2 лажици какао,
100-150 г чоколадо за глазура, со малку масло (околу 3 лажици)

Постапка: на оган ставете шеќер и вода, нека се варат 4-5 минути, па додадете путер или маргарин и почекајте да се растопи. Ставете ги кикириките и бисквитите и измешајте за да се соедини смесата.

Ова ви го напоменав на почетокот: смесата не смее да биде сува, па затоа бисквитите додавајте ги постепено а не одеднаш (многу зависи од тоа колку време се вареле водата и шеќерот и каква густина се добила).

Од смесата одвојте 1/3 и промешајте со 50 г растопено чоколадо или какао. Светлата смеса поделете ја на два еднакви дела.

Во помал плиток плех обложен со проѕирна фолија, ставете еден дел од светлата смеса, израмнете и добро притиснете за да се стегне рамномерно.

Преку светлата смеса истурете го темниот дел, па исто притиснете и израмнете. На крај преку темната смеса додајте го вториот дел од светлата смеса. Чоколадото растопете го со малку масло и истурете ја глазурата одозгора.

Колачот ставете го во фрижидер да се стегне на неколку часови. За украсување растопете чоколадо во кеса за замрзнување (претходно искршено на коцки), пресечете ја на еден агол и направете шари одозгора во вид на линии.