Брз сладолед и одличен десерт за топлите денови. Брзо се приготвува а маногу е вкусно…ммм. Има слични рецепти на овој десерт, но со течен јогурт, а овој се приготвува со кисела павлака. Може да го приготвувате на неколку начини, а јас ќе ви покажам најлесниот.
Потребни состојки: 500 мл слатка павлака, 500 мл кисела павлака, 150 г шеќер, 160 г чоколадо, 10 издробени или мелени бисвити, малку дробени лешници, бадеми, ореви
Постапка: изматете ја слатката павлака додека да добиете шлаг, додајте кисела павлака и шеќер, па добро измиксајте додека состојките убаво да се соединат во мазен крем.
Во посебен сад растопете го чоколадото на пареа или во микробранова печка. Во калапот за ролати (долгнавест, длабок и тесен) ставете една третина од кремот, и убаво распоредете и израмнете. Може да се послужите со слаткарски шприц за да правите бранови (ова по избор).
Како калап може да користите и куглоф или помал калап за торти со мобилен обрач – по ваш избор. Во зависност од калапот што ќе го одберете, по потреба обложете го со проѕирна фолија, за да можете подоцна полесно да го извадите колачот доколку го превртувате.
Врз првата третина крем наросете половина од мелените бисквити, лешници, ореви и бадеми. Можете да користите само еден вид јаткасти плодови или комбинација од нив. Рамномерно прелијте и половина од растопеното чоколадо. Убаво израмнете.
Одозгора повторно ставете смеса од шлаг и павлака (втората третина), па повторете ја постапката со бисквити, лешници и чоколадо (втората половина). На крај, ставете ја преостанатата смеса од шлаг и павлака. Оставете преку ноќ добро да замрзне.
Пред послужување извадете ја 15-тина минути на собна температура, малку да се отпушти, а потоа многу полесно се сече. Послужете со чокладен прелив, овошен прелив или нешто по ваш вкус. Многу е вкусна и декоративна. Може да користите и две празни кутии од сладолед од 1,7 литар претходно што ги сочувале.
А доколку сакате кремот да ви биде уште поцврст, тогаш во него додајте и желатин приготвен според упатството (желатинот се промешува со малку вода и се остава да набубри, а потоа се растопува на пареа и се додава во кремот додека се микса). / inana / Сооlinarika.com
II РЕЦЕПТ БРЗ ВИНЕТА СЛАДОЛЕД
Доколку сакате вашата винета да изгледа како оригиналната, можете да направите тенки чоколадни листови, па откако ќе се стврднат да ги редете помеѓу слоевите крем. Но, ова бара малку повеќе време и умешност (чоколадото се растопува, а потоа се размачкува врз масна хартија за печење. Откако ќе се стрврдне, внимателно се одлепува).
Потребни состојки: 200 г чоколадо, 50 г печени сечкани лешници, 300 г шлаг во прав, 350 мл млеко, 1 чаша (180 г) кисела павлака
Постапка: исечете четири парчиња хартија од 10х30 см од хартија за печење. Стопете 200 г чоколадо на тивок оган. Истурете го растопеното чоколадо рамномерно на сите четири парчиња хартија. Наросете сечкани лешници врз чоколадото и оставете да се зацврсти. Изматете 200 г шлаг со 200 мл млеко и додајте ја киселата павлака.
Земете калап со димензии 10х30 см и длабочина од 8 см. Калапот обложете го со најлонска кеса за замрзнувач, а краевите паднат преку калапот. Ставете 2-3 лажици шлаг во калапот, израмнете и ставете го чоколадо одозгора.
Со превртување на хартијата, чоколадото треба да го допира шлагот, а хартијата да биде одозгора, па лесно одлепете го чоколадото,. Нанесете повторно ред шлаг крем, а потоа и чоколадо. Значи треба да има 4 реда шлаг и 4 реда чоколадо.
Вака нареден сладоледот ставете го во замрзнувач да се излади и стегне, а потоа извадете го сладоледот од калапот и отстранете ја најлонската кеса. Изматете 100 г шлаг и 150 мл млеко и украсете го сладоледот. Оставете го во замрзнувач. Пред послужување сечете го парчето со врел нож. / Polimka / Сооlinarika.com