Рецепт и видео презентација на „Домашен Готвач” – Топеница, старински колач.
За овој колач се потребни 10 јајца и се приготвува нешто слично на познатиот кох.
Во видеото е прикажано дека јајцата се матат цели заедно со шеќерот, а во некои други рецепти прво се матат белките во цврст снег, а потоа постепено се додаваат жолчките, а сувите состојки се матат на послаба брзина или рачно.
Во тестата не се содржи прашок за печиво, а освен брашно се става и гриз, така што можеби и нема потреба од посебно матење на белки и жолчки, затоа што гризот не дозволува „растење“ на пандишпанот.
Меѓутоа, кога ќе се испече, прелие со сируп и добро впие и излади, овој колач е превкусен.
Ако сте го јаделе кај вашите баби, сигурно ќе ве потсети на детството… И уште една напомена: сирупот додавајте го постепено, не го ставајте целиот одеднаш, зашто можеби ќе нема потреба целата количина да ја ставите.
Потребни состојки за кора 1:
5 јајца
5 лажици шеќер
2,5 лажици брашно
2,5 лажици гриз
150 г ореви
150 г рендано чоколадо или во прав
За кора 2:
5 јајца
5 лажици шеќер
2,5 лажици брашно
2,5 лажици гриз
За сируп:
600 г шеќер
650 мл вода
за наросување:
мелени/сечкани ореви
рендано чоколадо
Постапка:
Во длабок сад за матење пенасто изматете пет јајца со пет лажици шеќер. Матете доволно долго додека шеќерот да се растопи, а потоа додајте 2,5 лажици брашно, 2,5 лажици гриз, 150 г мелени ореви и 150 г рендано чоколадо (или во прав).
Продолжете со матење додека да се изедначат состојките, а потоа смесата излејте ја во намастен и набрашнет плех 30х22 см или обложен со хартија.
Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, само 10 минути (потоа ќе се допече заедно со вториот слој), колку да фати кора.
За тоа време изматете го тестото за втората кора: пет јајца со пет лажици изматете со миксер, па додајте 2,5 лажици брашно, 2,5 лажици гриз. Жолтата смеса излејте ја врз запечената темна кора и израмнете.
Вратете во рерна да се допече на 180 степени околу половина час. Печениот колач оставете го малку да излади, а потоа пригответе го шербетот од 600 г шеќер и 650 мл вода. Откако ќе зоврие нека се вари 5 минути.
Шербетот оставете го 5 минути да подизлади, па рамномерно прелијте го колачот. Оставете да се олади и да го впие сирупот, а потоа одозгора наросете го со ореви и чоколадо.
Послужете го добро изладен. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.