Рецепт и видео презентација на “Кујната од Лета” (Letina Kuhinja): Торта од жито.

Оваа торта може да ја приготвите од било кои житарици кои вам ви се вкусни: од варен интегрален ориз, варена пченица, јачмен, овес… Во рецептот тортата е приготвена со пченица.

Потребни состојки:

500 г варено жито/пченица
150 г шеќер во прав
300 г мелени ореви
1 ванилин шеќер
200 мл растителна слатка павлака

Постапка:

Пченицата добро измијте ја и ставете ја во тенџере во вода за да се вари. Најпрво вклучете на најсилна температура додека да зоврие, а потоа намалете на умрено и варете ја околу еден час.

Потоа тргнете го тенџерето од рингла, оставете го поклопено и завиткајте го со неколку крпи. Вака оставете го постепено да се лади преку цела ноќ.

Варената пченица сомелете ја во сечко или блендер. Мелете ја постепено, односно колку што собира во блендерот. Мелената пченица ставете ја во поголем сад и додадете 150 г шеќер во прав, а по желба додадете и повеќе ако сакате да ви биде послатко. Изматете со миксер за убаво да се соедини шеќерот во пченицата.

Во смесата додадете еден ванилин шеќер и 300 г мелени ореви, па добро изматете и изедначете. Калапот за торти малку намастете го со путер и наросете го со мелени кекси. Потоа постепено започнете смесата да распоредувате во калапот. Внимавајте убаво да ја нанесете и да не ви остануваат празни воздушни простори.

Изматете ја слатката павлака како шлаг, па и неа нанесете ја одозгора и израмнете. Тортата оставете ја во фрижидер да се олади најмалку 1-2 часа, а потоа можете да ја пресечете и да ја послужите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.