Вкусни топчиња со бисквити, чоколадо и ореви…Можат да бидат и посни…Фото и рецепт: Иванка Цизмиќ – Ова е многу стар рецепт, но многу добри и вкусни ситни колачи. Кој не ги правел, топло му ги препорачувам!

Потребни состојки: 

200 г мелени биксвити,
200 г чоколадо (јас користам црно, а може и млечно),
6-8 рамни лажици шеќер во прав,
200 г путер или маргарин
околу 100 г ореви, бадеми, лешници…што имате (јас сѐ измешав и сомелив),
околу 2 лажици рум или по вкус.
и уште околу 50 г мелени јаткасти плодови за валкање на топчињата.

Постапка: 

Оревите (или лешниците, бадемите или микс) сомелете ги, а исто така и бисквитите. Чоколадото изрендајте го или растопете го на пареа. Путерот оставете го на собна температура или на топло за да омекне.

Потоа во него додајте шеќер во прав и со миксер или маталка убаво промешајте за да се изедначи.

Кога ќе го изматите путерот и ќе стане кремаст, додајте ги сувите состојки и чоколадото, па убаво промешајте. Рум се додава само доколку вие сакате, тоа е по вкус.

Добиената смеса малку оставете ја во фрижидер (не мора, но помалку лепи), па потоа кинете парчиња и обликувајте топчиња со големина по ваша желба.

Топчињата валајте ги во мелени ореви, бисвити, чоколадни трошки… и оставете ги во фрижидер за да се стегнат убаво.

Фото и рецепт: Иванка Цизмиќ