За оние кои го сакаат рафаело колачот еве уште еден сличен, со вкус на млеко во прав и лешници. Многу е сличен, а сепак различен.

Нема многу работа како кај бомбиците, се’ се меша и се става во триаголен калап, а може да се свитка и како ролат во проѕирна фолија и дополнително да се обликува со валање врз маса.

Исто така, може да биде излиен во помал плех, а потоа да се исече на штангли, по желба.

Потребни состојки:

50 мл вода
150 г шеќер
150 г млеко во прав
125 г путер/маргарин
100 г мелен, блендиран или ситно сечкан, печен лешник

Постапка:

Во шеќерот додадете вода и сечкан путер, па ставете се’ на оган.

Кога ќе проврие намалете го малку огнот и оставете да се вари уште 3 минути.

Тргнете од оган па додадете го млекото во прав и измиксајте со претходно подготвен миксер.

Штом започнете да го истурате млекото во прав, веднаш вклучете го миксерот зошто брзо се прават грутчиња, а вака тоа ќе се одбегне.

Веднаш потоа додадете лешник и повторно се’ изматете. Оставете неколку минути да излади.

Во калап ставете фолија и истурете ја смесата и со рака израмнете, или обликувајте ролат.

Ако сакате коцки или друг облик со агли, истурете во плех за да добиете правоаголен облик, па сечете на штангли.

Белото тоблероне не се чува во фрижидер, туку на собна температура.