Овој колач има различни имиња кај нас, а рецептот го добив од една Босанка, па запишан ми е како Нутма.

Постои една приказна што ми ра раскажа за овој колач: имено, ако некој ви дошол на гости додека го приготвувате овој колач, не треба да му дозволите да си оди додека не биде испечен колачот, инаку тој нема убаво да се подигне и ќе спласне.

Лесно се приготвува, за само 15 минути, па потоа го ставате на печење што е малку подолго, но вреди да се почека.

Пробајте го колачот, навистина е многу убав.

Потребни состојки:

10 јајца, по можност домашни за да има колачот убава жолта боја
10 лажици шеќер
10 лажици брашно

за шербет:

1,3 литри вода
800 г шеќер
1 кесичка ванилин шеќер

Постапка:

Изматете ги јајцата со шеќерот. Матете толку долго додека јајцата да се згуснат и почне да остава трага од маталките додека се микса. Полека, со лажица, а не со миксер се додава лажица по лажица брашно и се соединува.

Смесата треба да биде воздушеста. Излејте ја во калап со димензии 22х32 см, малку подлабок, за да биде колачот висок, кој и при печењето малку ќе порасне.

Рерната добро загрејте на 250 степени додека ги матите јајцата, па кога смесата е готова, ставете да се пече и веднаш намалете на 200 степени неколку минути колку да зарумени и да фати коричка одозгора.

Потоа намалете на 150 степени и така печете околу еден час. Повремено проверувајте да не загори, ако е пресилно намалете уште малку. Проверете дали е печено: нежно притиснете со рака, ако се враќа – добро е.

Печењето можете да го прилагодите и според вашата рерна, но важно е добро и целосно да се испече колачот, бидејќи е висок, а да не ви подгори.

Шербет: ставете вода, шеќер и ванилин шеќер колку да зоврие, мешајте додека убаво да се растопи и тргнете од оган. Оставете да олади до собна температура.

Се полева ладно со ладно, односно изладен колач со изладен шербет.