Домашни бајадери – класичен рецепт со совршен вкус
Домашните бајадери се еден од оние колачи што секогаш оставаат впечаток – богати, ароматични и неодоливо кремасти.
Овој проверен рецепт не бара печење, а резултатот е елегантен десерт кој со вкус и изглед не заостанува зад купечките бајадери.
Совршени се за празници, слави или кога сакате да подготвите нешто навистина посебно, пишува НМД. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки
За смесата:
• 200 мл вода
• 200 г шеќер
• 1 кесичка ванилин шеќер
• 250 г маргарин
• 400 г мелени бисквити
• 300 г мелени ореви
• 100 г чоколадо
За глазурата:
• 100 г чоколадо за готвење
• 3 лажици масло
• НМД
Начин на подготовка
Во тенџере сипете 200 мл вода, додајте 200 г шеќер и ванилин шеќер, па варете додека да зоврие.
Додајте 250 г маргарин и мешајте додека целосно да се растопи. Тргнете го тенџерето од оган и оставете смесата кратко да подизлади.
Потоа додајте 400 г мелени бисквити и 300 г мелени ореви и добро промешајте додека да добиете компактна и изедначена смеса. Смесата поделете ја на два еднакви дела.
Во едниот дел додајте 100 г чоколадо, претходно растопено на пареа, и внимателно промешајте.
На рамна површина ставете хартија за печење и најпрво распоредете го темниот (чоколадниот) дел. Со оклагија израмнете го во правоаголна кора со еднаква дебелина.
Потоа истото направете го и со светлиот дел и внимателно префрлете го врз чоколадниот слој.
Во посебен сад растопете 100 г чоколадо за готвење заедно со 3 лажици масло на пареа. Со подготвената глазура рамномерно прелијте ја бајадерата одозгора.
Оставете колачот да се стегне на собна температура или во фрижидер, а потоа исечете го на коцки или правоаголници со саканата големина.
Совет: За најубаво сечење, ножот накратко загрејте го под млака вода и избришете го пред секое сечење. Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:





































