Home Десерти Колач од бисквити и пудинг, без печење

Колач од бисквити и пудинг, без печење

Колач од бисквити и пудинг (без печење)

Доколку барате едноставен, кремав и брз десерт од неколку состојки кој не бара печење, овој колач со бисквити сигурно ќе ве воодушеви.

Благодариме на блогерката Нина Мрвица за споделениот рецепт, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

500 g бисквити тип петит бер
3 – 4 лажици млеко

Крем од ванила (пудинг крем):
700 ml млеко
2 кесички пудинг од ванила
1 кесичка ванилин шеќер
120 g шеќер
250 g путер (на собна температура)

Шлаг пена:
2 кесички шлаг пена
200 ml вода
1 кесичка ванилин шеќер
75 g шеќер во прав

Постапка:

За пудинг кремот измешајте ги двата прашоци за пудинг со 6 лажици шеќер (120 g). Од 700 ml млеко одвојте околу 10 лажици и добро измешајте ги со смесата од пудинг и шеќер.

Останатото млеко ставете го во тенџере со дебело дно и загрејте го до вриење, тргнете го од огнот, додајте ја разматената смеса со пудинг и вратете го на огнот.

Намалете ја температурата на средна до ниска. Продолжете да мешате околу 2 минути, односно додека кремот се згусне.

Кремот префрлете го во сад отпорен на топлина; колку е поголем садот, толку побрзо ќе се излади кремот. Покријте го со проѕирна фолија и оставете го на собна температура да се излади.

Во изладениот крем додајте 250 g путер на собна температура и миксајте со електричен миксер. Кремот е веднаш подготвен за употреба.

За шлаг пената, во висок сад истурете 200 ml ладна вода. Додајте го содржината од двете кесички шлаг пена, шеќерот во прав и ванилиниот шеќер.

Матете со миксер на највисока брзина околу 2 минути. Шлагот не треба претерано да се мати за полесно да се мачка.

Од вкупната количина бисквити одвојте 3-4 парчиња, смелете ги или изроните ги и оставете ги настрана за подоцнежно декорирање.

Подгответе правоаголен калап со приближни димензии 25 x 20 cm и обложете го со хартија за печење. Во калапот наредете ред бисквити, попрскајте ги со млеко и премачкајте со тенок слој пудинг крем (4-5 лажици).

Преку кремот наредете еднаков слој шлаг и со шпатула рамномерно премачкајте го преку целиот слој бисквити.

Поставете нов ред бисквити, попрскајте со лажица млеко. Повторно ставете слој пудинг крем, па преку него слој шлаг.

Поставете трет ред бисквити, попрскајте со млеко, ставете пудинг крем, па шлаг. На крај поставете последен ред бисквити, но овој пат не ги прскајте со млеко и ставете го колачот во фрижидер да се стегне.

Извадете го колачот од калапот и целосно премачкајте го со шлаг, па посипете со мелени бисквити; или оставете го во калапот и премачкајте само горниот слој со шлаг и посипете со мелени бисквити. Исечете на коцки и чувајте го во фрижидер.

Послужување: Послужете го добро разладениот колач.

Совет: Бисквитите можете да ги натопите во ликер од портокал наместо во млеко.