„Најкремаст, најсочeн, најчоколаден, највкусен колач што се топи при секој залак. За љубителите на добри, сочни колачи кои се топат во уста, ова е вистински погодок. Денес го направив и веднаш се изеде,“ вели Сања.
„Обично колачите излегуваат суви, но овој е толку кремаст и сочен. Верувам дека на сите ќе им се допадне бидејќи нема кој не го сака чоколадото.“
Уживајте во летните денови со овој колач кој се подготвува за 15 минути, а потоа се става на печење уште толку.
Се состои од два прелива и затоа е толку сочен. Потсетува на познатиот колач “Брзи Гонзалес“, но за мене, овој е за нијанса повкусен. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПАНДИШПАН: 3 јајца, 150 г гранулиран шеќер, 130 мл масло, 150 мл млеко, 150 г брашно, 30 г какао, 14 г прашок за печиво, 18 г ванилин шеќер.
ПОСТАПКА ЗА ПАНДИШПАНОТ: Јајцата не треба да се одделуваат на белки и жолчки, само да се на собна температура. Во подлабок сад скршете ги јајцата и пенасто изматете ги со миксер.
Етапно додавајте го гранулираниот шеќер, додека непрестајно матите со миксерот.
Кога шеќерот ќе се растопи, продолжете со додавање на останатите состојки. Следно се додаваат влажните состојки, па потоа сувите.
Постепено сипете го млакото млеко (на собна температура), па сипете го маслото во тенок млаз. Соединете во хомогена смеса.
Просејте го какаото низ сито и смесата соединете ја со шпатула или со првата брзина на миксерот. Потоа додајте го просеаното брашно на неколкупати, прашокот за печиво и ванилиниот шеќер. Сѐ соединете еднолично, без поголеми или помали грутчиња.
Подгответе си плех со димензии 32х23 см (или слична големина), но држете се на оваа димензија бидејќи пандишпанот не треба да биде ни премногу тенок, ни премногу дебел.
Излејте во подмачкан плех со растопен путер или маргарин, а може и масло, па излејте ја рамномерно смесата за пандишпанот.
Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Колачот се пече 17-20 минути, во зависност од јачината на рерната.
Проверете со чепкалка дали е испечен однатре. Оставете го малку да се олади, па исечете го на коцки со големина по ваша желба, каде што ќе го сипете првиот прелив.
ЗА ПРВИОТ ПРЕЛИВ Е ПОТРЕБНО: 150-200 мл млеко, 2 лажици шеќер, 3 лажици какао во прав, 30 мл стопен путер.
Преливот се подготвува така што ќе го зовриете млекото (да биде врело), па во него ќе го измешате шеќерот, какаото и путерот (сам ќе се растопи во млекото).
Соединете еднолично, па сипете го полека врз пандишпанот, кој е мек како сунѓер. Првиот прелив треба да пробие низ исечените делови и да го натопи пандишпанот однатре, за да биде уште посочен.
Оставете некое време да се впие, а во меѓувреме подгответе го вториот прелив. Еве што ви е потребно за него:
ЗА ВТОРИОТ ПРЕЛИВ: 200 мл слатка павлака, 160 г темно чоколадо, 1 лажица нутела или некој друг крем по желба. Измешајте ги состојките, па ставете го преливот врз друг сад на пареа или на рингла со низок оган, за чоколадото и нутелата да се стопат.
Преливот излејте го преку пандишпанот и ставете го во фрижидер на ладење или на собна температура. На собна температура е потребно повеќе време да се излади, но е неверојатно мек. Деталите од целата постапка може да ги погледнете ОВДЕ.