Рецепт на Бојана од Бокина Кујна. Овој ролат со мак е толку кремаст што од него не се чувствува ништо друго, освен пудингот кој совршено си одговара со прекрасната арома на макот. Изгледа многу декоративно и може да го направите во секој момент, за 15 минути е готов.
Се подготвуваат состојките за кора со мак, која потоа се става на печење, а во меѓувреме се подготвува кремот кој потоа се премачкува врз кората, се витка и се става во фрижидер да се стегне. Еве кои состојки ви се потребни за да го подготвите колачот:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 12 јајце (се одвојуваат белките од жолчките), 200 г шеќер, 3 полни лажици до врв сенаменско брашно тип 400, 1 кесичка прашок за печиво, 200 г мак.
ЗА КРЕМОТ: 150 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 9 лажици густин, 700 млеко, 100 г бело чоколадо, 200 г маргарин или путер.
ПОСТАПКА: Се одвојуваат јајцата и белките кои треба да бидат на собна температура. Затоа се оставаат минимум 1 час претходно да отстојат. Белките се почнуваат да се матат со миксер, постепено зголемувајќи ја брзината на миксерот.
Во пената од белки се додава постепено 200 г шеќер и се мати додека да добиете цврст снег од белки, кој кога ќе го превртите садот нема да паѓа надолу.
Во снегот додајте го брашното, прашокот за печиво и 200 г мак. Потоа, продолжете состојките да ги мешате со лажица или шпатула, никако со миксер, бидејќи снегот ќе спласне.
Снесата се излева во еден плех од рерна, обложен со хартија за печење и фино се израмнува. Кората се пече на 180 степени, 15-20 минути во зависност од јачината на рерната.
По печењето, кората се остава да олади 3 минути, па додека е топла се завиткува во ролат со помош на влажна крпа и на тој начин се остава целосно да се олади.
ЗА КРЕМОТ: Жолчките изматете ги со миксер, па во нив додајте 150 г шеќер и фино соединете го. Додајте 2 кесички ванилин шеќер и 9 полни лажици густин и инкорпорирајте во еднолична смеса.
Смесата разредете ја со 150-200 мл млеко, на собна температура, а остатокот од млекото, ставете го во тенџере на рингла да зоврие.
Кога млекото ќе зоврие, во него додајте ги жолчките и варете на тивко додека да се зготви крем како пудинг, со постојано мешање. Потоа, тргнете го тенџерето од рингла и во него додајте 150 г бело чоколадо.
Мешајте додека да се растопат, па пудингот оставете целосно да се олади. По ладењето, кремот се соединува со 200 г измиксан маргарин на собна температура.
Кога кората и пудингот ќе бидат оладени, кората од задната страна се премачкува со кремот и целата кора се витка во ролат, како претходно.
Вака подготвен ролатот, се остава во фрижидер додека убаво се стегне, а потоа се послужува со сечење на помали парчиња. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.