Тортата се прави брзо и едноставно, а толку е богата и сочна што нема да можете да и одолеете ниту додека ја подготвувате. Барем така беше во мојот случај, постојано каснував од крајчињата на кората и си црпев од кремот. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г ореви, 10 јајца поделени на белки и жолчки, 240 г шеќер во прав, 2 лажици пченкарен скроб. ЗА КРЕМ: 160 г шеќер во прав. 100 мл млеко, 200 г мек путер, неколку капки есенција од ванила, 2 лажици какао.
ПОСТАПКА: Оревите најпрво истостирајте ги: ставете ги во загреано тавче на средна температура околу 15-тина минути со непрекинато мешање, па штом ги испуштат етеричните масла и убаво замирисаат, тргнете ги настрана, оставете ги малку да подизладат па ситно исечкјате ги.
Од десет јајца одвојте ги белките и жолчките во два посебни подлабоки садови, па во садот со белки додајте 240 г шеќер во прав. Пенасто изматете со миксер додека да се добие форма на цврста пена, па додајте 2 лажици пченкарен скроб и матете уште една минута колку да се изедначи.
Во оваа смеса додавајте ги ситно сечканите мелени ореви и добро промешајте со рачна маталка. Во плехот од рерна ставете хартија за печење и малку намастете, па прелијте ја смесата од белки и ореви и добро распоредете.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 30 минути додека да фати убава коричка. Во меѓувреме подгответе го кремот: Во жолчките додајте 160 г шеќер во прав и добро изматете со миксер. Треба да добиете убава густа светла смеса.
Потоа додајте 100 мл млеко и продолжете со матењето. Добиената смеса претурете ја во тенџере и ставете на оган да се загрева на умерена температура. Внимавајте, млекото не треба да зоврие, односно кремот треба да згусне на потивко и се трга од рингла пред зовривање.
Сварениот крем оставете го малку настрана да подизлади, а во посебен сад изматете 200 г путер, претходно отстојан на собна температура. Кога путерот ќе стане кремаст, во него додајте го изладениот крем (на иста температура), па соединете ги со миксер. Додајте и неколку капки екстракт од ванила и 2 лажици какао. Изматете додека кремот да се изедначи.
Испечената кора откако ќе подизлади исечете ја на три еднакви делови, а претходно потсечете ги крајчињата кои се посуви и кои откако ќе се сомелат може да се искористат за декорација. Една од корите ставете на рамна чинија како подлога и премачкајте ја со третина од кремот.
Одозгора ставете ја втората кора и повторно премачкајте со кремот, а кога ќе ја ставите и последната кора, премачкајте ја површината и страните на тортата.
Вака подготвената торта се става во фрижидер да излади најмалку 1 час пред послужување. Одозгора обложете ја со мелените крајчиња, кекси, ореви или по ваш вкус. Постапката погледнете ја ОВДЕ.