Најубавите печива кои веројатно ќе ве потсетат на сарајлиите – децата им се омилени, но и на нас возрасните, па затоа многу често ги приготвувам. Тестото е убаво за работа, а печивата кога ќе се испечат се многу меки и вкусни.




Излегуваат доста, зошто кога еднаш ќе ја развлечете кора во вид на правоаголник и ќе ја исечете на тенки ленти, од секоја лентичка се добива по еден полжав- печиво. Пробајте еднаш да ги направите, а потоа ќе видите дека многу често ќе ги правите. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г брашно, 100 мл млеко, 100 мл јогурт, 50 мл масло, 1 јајце, 10 г квасец, 1 лажичка сол, 1 лажица шеќер. За премачкување: 1 жолчка и 1 лажица масло. По потреба сусам, мак и слично за наросување одозгора.




ПОСТАПКА: Квасецот и шеќерот измешајте ги со млако-топло млеко, добро промешајте за да се растопат, па оставете настрана околу 10-тина минути на топло место додека квасецот да се активира и да запени.




Изматете едно јајце отстојано на собна температура, додајте сол и масло па повторно измешајте. Во оваа смеса додајте млак јогурт (или на собна температура) и активираниот квасец.




Во течните состојки започнете постепено да го додавате брашното. На почетокот мешајте со лажица додека брашното се впива, а кога ќе се формира густо тесто, месењето продолжете го со рака. Треба да добиете средно меко и мазно тесто. Покријте го и оставете го на топло да стасува додека да го удвои волуменот.




Стасаното тесто премесете го малку, обликувајте го како векна, па развлечете го во кора со форма на квадрат со димензии приближно 35х35 см или пак на правоаголник. Исечете го на ленти широки 1,5 см и виткајте ги како полжавчиња. Крајот од лентата свиткајте го под тестото за да добиете убав облик.




Полжавчињата редете ги во плех обложен со хартија за печење со мало растојание меѓу нив, бидејќи во текот на печењето тие дополнително ќе пораснат. Премачкајте ги со жолчка изматена со малку масло и наросете ги со сусам одозгора. Оставете уште малку да пораснат додека рерната да се загрее.




Рерната вклучете ја да се загрее на 220 степени, а веднаш штом ќе ги ставите полжавчињата да се печат, намалете ја температурата на 200 степени и печете ги приближно околу 20-25 минути или додека убаво да заруменат. Кога ќе ги извадите од рерна покријте ги со кујнска крпа неколку минути додека малку да подизладат. Рецепт на Вукица5.