Имунолошкиот систем претставува одбранбен механизам против сите несакани инфективни заболувања (предизвикани од различните микроорганизми). Тоа е нашиот одбранбен систем кој треба да го одржува организмот во состојба на баланс.

Имунолошкиот систем треба да се одржува во текот на целата година. Зајакнатиот имунолошки систем штити од многу болести, а најлесно се зајакнува со консумирање на природни намирници кои изобилуваат со многу витамини и минерали.

Падот на имунитетот може да биде предизвикан од разни фактори и затоа треба да се зајакнува постојано, во спротивно телото не може да се брани од слободните радикали.

Витаминот Ц го стимулира нормалното функционирање на имунолошкиот систем и помага во намалување на заморот и исцрпеноста. Овој витамин може најмногу да се најде во лимонот и портокалот. Цитрусите можат да бидат вклучени во исхраната за да се подобри имунитетот или може да се направат природни лекови и препарати кои имаат иста цел.

Самиот збор имунитет ја претставува најважната функција на телото за да го заштити од надворешни непријатели – микроби. Во исто време, овој систем активира алергиски реакции како што се ефектите од вдишување на полен и внесување на одредена храна.

Имунитетот е најслаб кај новороденчињата и постарите лица. Тој е комплексен систем во кој секој дел треба да функционира правилно. Дел од имунитетот е вроден и се создава наследно.

Портокалот, лимонот и цитронот се важни извори на флавоноиди и антиоксиданти кои го зајакнуваат имунитетот. Биофлавоноидите и есенцијалните масла штитат од слободните радикали кои предизвикуваат многу болести. Овие агруми се богати со витамин Ц, што според некои истражувања може да помогнат за намалување на просечното времетраење на грипот за еден ден.

Цитрусното овошје е одлична храна, бидејќи е богата со лесно сварливи влакна, а сите елементи од нејзиниот состав лесно се апсорбираат од телото. Постојат многу причини зошто треба да консумирате агруми за да го зајакнете вашиот организам по природен пат.

Агрумите содржат фитохемикалии, хесперидин и нарингин, кои му помагаат на организмот да спречи хронични болести како што се дебелина, кардиоваскуларни болести, дијабетес и рак. Хесперидинот помага во контролата на кр-вниот притисок, го намалува нивото на холестерол и го спречува растот на туморите.

Нарингинот во овошјето помага во согорувањето на мастите. Цитрусите како портокалот и мандарините содржат високо ниво на фолна киселина, која е важна за растот на клетките, вклучувајќи размена на протеини, синтеза на ДНК и производство на црвени кр-вни клетки.

Агрумите имаат висока содржина на вода (87% во портокалот и 88% во цитронот). Овие плодови го одржуваат телото хидрирано, ја задоволуваат жедта и да внесувате доволно течности во текот на денот за да спречите дехидрирање и да му помогнете на вашето тело да функционира нормално.

Исхрана за зајакнување на имунитетот со консумирање на цитрус

Колку е зајакнат имуниот систем во нашето тело зависи од тоа што јадеме секој ден. Со додавање на агруми во вашата исхрана, директно го подобрувате здравјето.

Консумирањето на сурово овошје му дава на телото можност да се одбрани од патогени микроорганизми. Многу е важно да се обрати внимание на дневниот внес на агруми. Покрај тоа што внесувате овошје преку исхраната, лесен начин да додадете витамин Ц е да пиете вода со арома на омилениот цитрус.

Телото не е во состојба да создава витамин Ц самостојно, затоа, мора да го внесуваме преку разновидна исхрана. Првенствено, лимонот, портокалот и мандарините во изобилство го создржат овој витамин.

Витаминот Ц во агрумите ја зголемува одржливоста на катехините и антиоксидансите, кои му помагаат на телото да апсорбира железо, минерали важни за имунитетот. Според некои истражувања, околу 2/3 од растителните влакна во цитрусите се растворливи влакна, кои помагаат во регулирање на холестеролот и шеќерот во организмот.

Народни лекови за имунитет со овошје од цитрус

I Рецепт. Потребни состојки: 300 г излупени и ситно сечкани ореви, 300 г сечкани суви кајсии, 300 г суво грозје, 3 лимони излупени и без семки, 1 лажица мед.

Постапка: Измешајте ги сите состојки во сад додека да добиете хомогена смеса. Возрасните треба да консумираат по една супена лажица, а децата по една кафена лажица на ден. Најдобро е смесата да се консумира на празен стомак или еден час пред оброк. Чувајте ја смесата во фрижидер.

II Рецепт. Потребни состојки: 1 среден домат, 1 среден портокал, средно јаболко, 4 големи моркови.

Постапка: Направете смути од добиените состојки во блендер, што може да го консумирате секое утро на празен стомак.

III Рецепт. Потребни состојки: Мала шолја ореви, мала шолја суво грозје, шолја суви кајсии, еден излупен лимон без семки, 3 лажици мед, неколку ситно исечени смокви.

Постапка: Оревите, кајсиите, грозјето и смоквите сомелете ги заедно, а потоа додајте го медот и сокот од лимон и измешајте ја смесата. Возрасните треба да консумираат по една супена лажица, а децата два до трипати на ден пред оброк по една кафена лажичка. Остатокот чувајте го во фрижидер.

IV Рецепт. Потребни состојки: сок од 4 лимони, 100 г сок од алое вера, 300 г мед, 500 г мелени ореви, мала чаша вотка.

Постапка: Измешајте го сокот од лимон со сокот од алое вера и измешајте, а потоа додајте го медот и мелените ореви и повторно измешајте. На крајот додајте чаша вотка и соединете ги состојките.

Чувајте ја смесата на темно место во херметички затворен сад. Почекајте лекот да отстои 24 часа пред да започнете со негово користење. Консумирајте трипати на ден, половина час пред оброк.

V Рецепт. Потребни состојки: 100 мл цеден сок од лимета, 130 г лисја нане, 900 мл вода, 100 г шеќер.

Постапка: Оставете 100 мл вода да зовријат заедно со шеќерот во садот во кој ќе го подготвите чајот. Тргнете го садот од рингла веднаш штом водата започне да врие, а потоа кратко натопете 50 г лисја од нане (околу 15 минути).

Кога чајот ќе се олади, додајте уште 800 мл ладна вода, сок од лимета и преостанитете листови нане. Консумирајте ја оваа доза дневно за да го зајакнете имунитетот.

VI Рецепт. Потребни состојки: 1 литар вода, 1 лимон, корен од ѓумбир, мед по желба.

Постапка: Измијте го лимонот со се кора и исечете го на тенки парчиња. Измијте го и исчистете го ѓумбирот и исечкајте го на мали коцки. Водата зовријте ја, а потоа додајте го ѓумбирот во неа.

Варете го чајот на тивок оган во наредните 15-20 минути. Процедете го сварениот чај, а потоа додајте го лимонот во него. Треба да се напомене дека е многу важно да се стават лимонот и медот во изладен чај, за да не се изгубат лековити својства. Може да се консумира како топол пијалак, но подеднакво е вкусен и во разладена форма.

VII Рецепт. Потребни состојки: 3 лимони, 300 г мед, ѓумбир по желба.

Постапка: Излупете го лимонот, изрендајте ја неговата кора и процедете го сокот. Измијте го и исчистете го ѓумбирот, потоа изрендајте го и исцедете го сокот што е можно повеќе. Ставете ги сите состојки во блендер и измешајте ги така што да се соединат што е можно подобро.

Прелијте ја смесата во стаклена тегла. Користете 1-2 лажички дневно. Може да се консумира по една чиста лажичка од смесата или разреденео со вода, по желба.

VIII Рецепт. Потребни состојки: 1 цитрон, 4 моркови, корен од ѓумбир долг 3-5 цм, 200 мл вода.

Постапка: Сè што треба да направите е да ги изблендирате состојките во блендер и да уживате во здравиот пијалак кој е потребно да го подготвувате секојдневно.

IX Рецепт. Потребни состојки: Сок од 1 лимон, 500 г мед, 2 средни и еден поголем корен од ѓумбир, 4 чешниња лук.

Постапка: Истурете 250 г мед во тегла од 800 мл. Потоа изрендајте го ѓумбирот во теглата. Исцедете го сокот од лимон или ставете го исечкан на кругови. Лук, исто така, ситно исечкајте го и додајте го во смесата.

Наполнете малку повеќе од половина тегла со вода. После некое време, лимонот и ѓумбирот ќе ослободат сок (доколку не сте го додале претходно сокот). Оставете ја смесата да отстои еден ден, а потоа додајте го остатокот од медот.

За превенција и зајакнување на имунитетот, доволно е да се консумираат 1-2 лажички на ден. Во случај на болест, лекот се консумира по една лажичка трипати на ден.

X Рецепт. Потребни состојки: 2 лимони исечени со се кора, 1 чаша мед.

Постапка: Во лимонот, кој претходно е изблендиран во блендер, додајте 1 чаша мед и соединете добро. Оваа смеса треба да се чува во фрижидер и корисно е да се консумира по 1 лажичка до петпати на ден.

XI Рецепт. Потребни состојки: Две лажички исушена кора од мандарина, 200 мл вода.

Постапка: Исушете ја кората од мандарината, исечкајте ја и чувајте ја во затворена тегла. Кората може да стои вака со месеци и да се користи за правење чај.

Во 200 мл зовриена вода, додајте 2 лажички исушена кора од мандарина (ако е сомелена, ако не е доволно е да додадете неколку суви парчиња.  Почекајте неколку минути и потоа процедете го чајот.

XII Рецепт. Потребни состојки: 1 јаболко, 1 супена лажица сечкани сливи, 1 супена лажица сечкани суви кајсии, 1 супена лажица ореви, 3 лажици овесна каша, половина лимон, лажичка мед.

Постапка: Сомелете ги јаболкото, сувото овошје и оревите. Овесната каша ставете ја во сад со топла вода и оставете ја да омекне. Во мелената маса додајте ја кашата, сечканиот лимон и мед, а потоа измешајте сè. Потребно е смесата да се изеде за појадок или да се распореди во текот на денот како ужина.

Зголемувањето на имунитетот е невозможно без корекција на исхраната и регулирање на животните навики. Овие едноставни правила можат значително да ја подобрат заштитата на секој поединец за еден до два месеци.

Имунитетот е општа состојба на телото што прави да се чувствувате одлично и да не се разболувате, и давајќи му ја неопходната важност, можете да ја обновите силата на вашето тело и неговиот одбранбен механизам.

Во овие рецепти се користат само природни производи, за кои е докажано дека работат и кај постарата и кај помладата популација. Изберете го оној кој најмногу ви одговара и користете го редовно, а позитивните резултати нема да изостанат. Консултирајте се со вашиот лекар пред употреба. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска