Одличен рецепт кој мора да си го запишете. Сите состојки се мешаат и се добива меко тесто кое се црпи со лажица. Дополнително во тестото се додава ситно сечкан млад кромид, а кој сака може и магдонос, со што овие мекици (или како сакате наречете ги) се превкусни.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 500 г брашно, 300 г густ јогурт/кисела павлака, 100 мл вода, 300 г сирење, 2 млади кромитчиња, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 50 мл масло и сол по потреба
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете го цврстиот јогурт – 300 г (или ако немате, може кисела павлака) и додајте две јајца. Добро изматете со миксер додека да добиете убав цврст крем. посолете по вкус.
Во смесата додајте просеано брашно (400 г + 100 г по потреба) и една кесичка прашок за печиво. Повторно изматете со миксерот додека убаво да се изедначи и да добиете хомогена, компактна смеса.
Бидејќи смесата е густа, додајте 100 мл ладна вода и продолжете со миксањето. Сирењето иситнете го со раце или виљушка, па додајте го смесата. Сега мешајте со лажица или шпатула.
Додајте 50 мл масло и уште еднаш промешајте. Ситно исечкајте ги зелените перца од младиот кромид и главиците, а доколку сакате додајте уште некој свеж, зелен зачин, свежо исечкан и додајте го во тестото.
Промешајте за да се распоредат рамномерно сите состојки. Во тавата загрејте масло на умерена температура, па со лажица црпете од тестото и спуштајте во загреаното масло.
Пржете по неколку минути од двете страни додека да добие убава златнокафеава боичка. Пржените мекици вадете ги во сад и редете ги врз чинија обложена со хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија.
Послужете ги топли или ладни, многу се вкусни и меки како памук. Одлични се како брз појадок или вечера, а може да се послужат и како закуска или предјадење. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.