Моите деца го обожаваат овој десерт. Брзо се приготвува, топчињата се многу вкусни и одлични за закусна. Од оваа доза излегуваат 15-тина големи топчиња, но доколку ги приготвувате за некоја слава или друга свечена пригода, можете да ги правите и поситни.




Толку се вкусни, што верувајте, многу брзо ќе ги изедат вашите најмили, па следниот пат ќе ги правите во двојна мера. Овие колачиња се многу вкусни поради комбинацијата од кекси, ореви и густ јогурт (како кисела павлака).




Може да користите какви било какси по ваш вкус, а наместо ореви може да користите лешници, бадеми или комбинација од јаткасти плодови. Одличен десерт за сите пригоди. Еве како да го приготвите:

Потребни состојки: 70 г мелени ореви, 250 г готвено кондензирано млеко од конзерва (како да го направите домашно може да прочитате во рецептот, подолу во текстот), 30 г густ јогурт како кисело млеко, 100 г путер омекнат на собна температура и 350 г мелени бисквити по ваш избор + мелени ореви или нешто по ваш вкус за валкање на топчињата




Постапка: најпрво сомелете ги оревите. Во посебен сад измешајте го вареното кондензирано млеко со густиот јогурт или киселата павлака, додајте го путерот омекнат на собна температура и исечкан на листови.




Потоа пенасто изматете со миксер додека да се соединат сите состојки. Треба да добиете убава мазна како крем смеса. Потоа на ред доаѓаат кексите кои е потребно да ги сомелите (може да користите и готова мелена плазма на пример).




Мелените ореви и мелените кекси додајте ги во претходно изматената смеса, па со помош на шпатула или лажица мешајте додека да се изедначат состојките. Потоа кинете од смесата и со помош на дланките формирајте топчиња со големина по ваша желба.




Топчињата многу лесно и брзо се формираат. Веднаш валкајте ги во мелени ореви / чоколадни трошки/ мелени кекси/ кокосово брашно/ мелени лешници и редете ги врз рамна чинија.

Оставете ги најмалку два часа во фрижидер за убаво да се стегнат, па послужете ги. Деталите од целата постапка можете ги погледнете во видеото ОВДЕ. Домашно кондензирано млеко можете да приготвите на следниот начин:




Потребни состојки: 500 мл полномасно млеко најмалку 2,8% млечни масти, 200 г шеќер и 1 ванилин шеќер. Постапка: Од оваа количина се добива околу 250 мл кондензирано млеко.




Во едно тенџере ставете 500 мл млеко, додајте ги шеќерот и ванилата, па промешајте. Загревајте на тивок оган додека да зоврие, па следните два часа варете го млекото на умерена температура до тивко. Постојано мешање не е потребно, бидејќи температурата е на најтивко.




После 1,5 час пожелно е да се започне со мешањето, бидејќи млекото почнува да згуснува. После два часа готвење, земете со лажицата малку од смесата и ставете врз чинија. Почекајте да се олади, па на тој начин ќе ја проверите густината и должината на готвењето.




Пред крајот од готвењето ќе се подигне пена, која треба да се собере и да се отстрани. Како ќе се лади, кондензираното млеко уште повеќе ќе се згуснува. Кога млекото целосно ќе излади, ставете го во стаклен сад со капак и чувајте го во фрижидер. Рокот на траење е до еден месец.