Утре е Прочка или Велики Поклади, празник меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден.




Проштевањето е обичај прифатен под влијание на црквата, додека гатањата, карневалите и слично се остатоци од претхристијанските предпролетните забави. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божик, Водици, Св.Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници.




Утре, на Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“.




Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот. Она што утре треба да се стави на трпезата се јајца и сирење.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение.




А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.




Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни поклади зашто на тој ден се запокладува (односно се запостува) со месо, месни производи и свинска маст.

Овој период од седум дена од Месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела.




Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што ѝ погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките.




На овој ден според традицијата и народните обичаи во никој случај не треба да се работи некоја напорна работа во кучата, бидејќи треба да се направат подготовки за постот. Вообичаено е во недела да се мијат сите садови во домот, за следниот ден да можете да готвите посни оброци во чисти садови.




Во сабота навечер можете да ја исчистите куќата, а во недела наутро од сите треба да побарате прошка. На празникот не може да се одрече прошка. Оние кои не можат да прифатат прошка, не треба да ги изговорат овие зборови ако не се од срце. Доволно е да ја кажат фразата: „Господ ќе прости“.




На овој ден е забрането да се биде лицемерен, да се предизвикуваат кaвги и разни кoнфликти. Не смеете да одбиете да простите и треба да им помагате на луѓето. Чистењето на куќата може да се одложи за следниот ден, за овој ден да можете да му се посветите на празникот. Најважно и најосновно е во недела да одите во црква, да се помолите за прошка и да запалите свеќа. Најважно од сè е да побарате искрена прошка!