Шпанската пита е одлично предјадење или вечера со чаша јогурт. Некогаш се нарекувала царска пита, а денес тоа е шпанска пита. Ако ја направите и исечете на убави коцки, можете да ја послужите и како предјадење.

Фото и рецепт: Данче Стојева




Главните состојки во царската пита се: јајца, брашно, јогурт, прашок за печиво и сол за базичната смеса. Некои додаваат кисело млеко наместо јогурт, а потоа за филување се додаваат состојки по желба, како полномасно сирење, шунка или некое друго сувомеснато, кисели краставички…

Фото и рецепт: Зорка Јанчева




Оваа оригинална идеја на нашата драга членка Данче Стојева е одлична! Рецептот е совршен, добивате мали и вкусни мафини кои многу брзо се приготвуваат. Калапчињата од паштетите не ги фрлајте, туку собирајте ги, а потоа тие можат да ви послужат за најразлични намени. Рецептот беше објавен во нашата група НМД рецепти.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 1 прстофат сол или по вкус, 100 мл масло, 1 чаша (од 200 мл) јогурт, 2 чаши брашно, 1 прашок за печиво (може и половина), 150 г шунка, 150 г дробено сирење, 5-6 кисели краставички, 2 моркови варени и малку магдонос.

Фото и рецепт: Данче Стојева




ПОСТАПКА: Морковите се варат, се цедат и се сечкаат ситно. Киселите краставички исто така се сечкаат ситно, се цедат од вишокот течност. Шунката се сече ситно, сирењето се дроби. Магдоносот ситно се сечка.

Јајцата со малку сол се матат со миксер околу 5 минути. Потоа се додава маслото, јогуртот, брашното и прашокот за печиво. Се промешува добро, а потоа една по една се додаваат останатите состојки.

Фото и рецепт: Данче Стојева




Се црпи од смесата и се полнат претходно намастени калапчиња од паштети и наросени со брашно, а може да користите и обични калапи, плех или куглоф. Калапчињата не треба да се преполнуваат. Се пече во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути или според вашата рерна и секако калапот што ќе го користите. Фотографија и рецепт на Даница Данче Стојева.

Фото и рецепт: Данче Стојева




Фото и рецепт: Данче Стојева

ЗА ПОСНА ВАРИЈАНТА СОСТОЈКИТЕ СЕ СЛЕДНИ:  500 мл газирана вода, 200 мл масло, 2 лажички сол, 2 филџани за кафе пченкарно брашно, 1 филџан пченично брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 3 филцани варен ориз, 5 кисели краставички, 3 кисели пиперки, 2 кисели моркови, зачини по свој вкус и 2-3 полни лажици лутеница/ајвар/зеленчукова зимница.




ПОСТАПКА: Киселите краставички, пиперките и морковите исечкајте ги на ситни коцкички. Во подлабок сад ставете две чаши минерална/газирана вода (500 мл), потоа додајте една чаша масло, 2 рамни лажички сол, 2 полни филџани за кафе пченкарно брашно и 1 филџан бело брашно.

Фото и рецепт: Зорка Јанчева




Добро изматете со маталка за да се соединат и изедначат состојките, па додајте и една кесичка прашок за печиво. Во смесата која ќе ја добиете (а треба да биде погуста од онаа за палачинки), додавајте ги по пред сечканите состојки: краставички, морковите, пиперките (не ги цедете од течностите).




Во оваа смеса додајте и 2-3 полни лажици лутеница или некоја зеленчукова салата од зимница која ви се наоѓа по дома. Промешајте добро за да се изедначат состојките и додајте го претходно варениот ориз. Вака приготвената смеса излејте ја во плех претходно намастен и наросен со брашно.




Рамномерно распоредете и израмнете. Рерната загрејте ја на 200 степени, ставете ја питата да се пече околу 30-35 минути или во зависност од вашата рерна (прверете со чепкалка). Кога е печена питата малку се одвојува од страните. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.