На овој сочен колач никој не може да му одолее. Се прави со готови кори, а не е баклава, се мати тесто од јајца, се излева и се пече, а не е парен пандишпан. Ова е еден од најстарите турки колачи, комбинација од баклава и пандишпан, сочен и неодоливо вкусен.




Толку многу ми се слади што откако го открив редовно го приготвувам и речиси секој ден си јадам по едно мало парче додека пијам кафе. Подобар колач за со кафе не сум јадела досега. Ако не сте го пробале досега, запишете си го рецептот и прва пригода направете си го, нема да се покаете. Брзо и едноставно се подготвува, еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт на Ема): 3 јајца, 1 неполна шолја шеќер, 180 мл кисело млеко, 50 мл масло за готвење, 1 шолја брашно (може гриз наместо брашно), 12 г прашок за печиво (1 кесичка), 1 супена лажица какао во прав, 10 кори за пита (или баклава), путер за намастување.

ЗА СИРУП: 2 шолји шеќер, 2 шолји вода, сок од 1 лимон. Шолјата за мерење е онаа од големите за кафе (180-200 мл). Најпрво се приготвува сирупот за да има време да се олади. Ставете на оган и откако ќе зоврие гответе приближно 5 минути додека целосно да се растопи шеќерот.




ПОСТАПКА: Плех/калап со средна величина (35х22 см) намастете го убаво со омекнат путер/маргарин, а рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени. Корите отвроете ги, па една по една свиткајте ги како хармоника со широчиња од приближно 2 см.




Вака наредете ги во намастениот плех додека да го покриете дното, па ставете да се печат 10-тина минути во загреаната рерна на 200 степени. Во еден помал, длабок сад истурете го киселото млеко (1 чаша од 180 мл) и помешајте го со 1 кесичка прашок за печиво. Промешајте и оставете 10-тина минути.




Во подлабок сад скршете три јајца, додајте неполна шолја шеќер, па пенасто изматете со миксер додека шеќерот да се растопи, а јајцата да згуснат и побелат, за што е потребно 5-10 минути. Кога од јајцата ќе добиете крем, додајте ја мешавината од кисело млеко со прашок за печиво, 50 мл масло, 1 шолја просеано брашно и 1 лажица какао во прав.




Со бавни движења измешајте ги состојките со жица-маталка или лажица. Треба да добиете компатна, хомогена смеса без грутчиња, која е пенлива и воздушеста. Извадете ги печените кори од рерна и оставете малку да се подизладат, па преку нив прелијте ја приготвената смеса.




Распоредете рамномерно и протресете, па вратете во топлата рерна на 180 степени и печете го колачот приближно половина час или повеќе во зависност од рерната. Мојот се печеше точно 25 минути плус 5 минути во исклучена рерна (најдобро е да се провери со чепкалка за да бидете сигурни дека колачот е добро печен).




Со ладниот шербет прелијте го топлиот колач. Оставете го прво на собна температура да се олади и да го впие сирупот, а потоа оладете го во фрижидер пред послужување. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.