Тулумби како од слаткарница, ама се уште поубави затоа што – домашни се…ммм

Фото и рецепт: Родна Трпеска – убави тулумби.

Потребни состојки:

500 мл вода
6 лажици масло
400 г брашно
6-7 јајца

за шербет:

1 кг шеќер
500 мл вода
½ лимон – сок

Постапка:

Најпрво се приготвува шербетот за да има време да излади. Пржените топли тулумби веднаш се ставаат во ладен шербет.

Во едно тенџере ставете на оган еден килограм шеќер со половина литар вода и загревајте со промешување додека да се растопи шеќерот. Откако ќе зоврие, намалете на умерено и варете го шербетот 10 минути, а пред крајот додадете исцеден сок од половина лимон. Тргнете го на страна да излади убаво.

За тесто: на оган ставете половина литар вода со 6 лажици масло, а кога ќе зоврие намалете ја температурата и ставете 400 г брашно. Мешајте додека брашното да ја впие сета течност и да се формира топка тесто, околу 5 минути.

Тестото оставете го целосно да се олади. Потоа со миксер или рачно, додавајте едно по едно јајце и матете или месете додека тоа целосно се впие во тестото. Потоа додадете го следното јајце и продолжете ја целата постапка додека да ги потрошите сите јајца.

Тестото ставете го во специјален шприц или кеса за тулумби, па сечете парчиња во ладно масло, со величина по ваша желба. За едно тенџере потребно ви е приближно еден литар масло, зошто тулумбите се пржат во длабоко масло.

Тајната за вкусни, надворешно крцкави, а внатре меки и шупликави е токму во ладното масло. Затоа пржењето на тулумбите одзема доста време, односно за следната тура се чека маслото да излади. Доколку имате две тенџериња за пржење ќе ја скратите постапката.

Значи откако ќе ги ставите тулумбите во ладно масло, тие потонуваат на дното. Но кога ќе започне да се загрева маслото тие постепено ќе се издигнат на површината. Пржете ги додека да заруменат убаво од сите страни, вадете ги и редете ги по неколку минути во шербетот.

Фото и рецепт: Родна Трпеска

Loading...