Моментно повеќето од нас поминуваме доста време дома во самоизолација и имаме многу малку контакт со природата, а постојано сме бомбардирани со извешати, податоци и вести од кои стануваме подложни на стрес.

Затоа, токму одгледувањето и негувањето на собните билки е одличен начин повторно да се поврземе со природата и тоа во нашиот дом.

Дали знаевте дека почвата на која растат нашите билки содржи мноштво микроби, популарно наречени “надворешни ендорфини”, кои делуваат како природни антидепресиви и го стимулираат хормонот на среќата – серотонин во нашиот мозок?

Билките исто така се прочистувачи на воздухот, поволно делуваат врз ефикасноста и концентрацијата, помагаат при несоница, релаксираат, смируваат и го олеснуваат закрепнувањето кога сме болни.

Во новата книга “Лековитата моќ на собните билки” од страсната ботаничарка и цвеќарка Фран Бејли, билките се групирани според нивните благопријатни својства.

Освен што ќе дознаете како да се грижите за поедина билка, колку вода и е потребно, светлост и влага, исто така, ќе дознаете и кои билки се најдобри за која просторија, како да ги одберете билките, како да ги пресадувате, како да ги разместувате и како најдобро да ги искористите сите нивни благодети.

Од книгата одбравме три билки кои лесно се одржуваат па дури и ако сте почетници, а кои со малку повеќе труд сигурно обилно ќе ви ја возвратат љубовта.

Сансеверија (Sanseveria trifasciata)

За билките е познато дека можат да произведуваат кислород, но некои билки можат и повеќе од тоа.

Според тестовите на НАСА, сансеверија се покажала како многу издрлива билка кој го прочистува воздухот, а покрај тоа го елиминира бензолот, формалдехидот, триклоретиленот и ксиленот.

Кога би требало да одберете само една билка која ќе ви помогне во спречување на респираторни тегоби, тогаш оваа билка ќе биде вашиот најдобар избор.

Силна како челик, сансеверијата е практично неуништлива. Споро расте, не бара преголема нега и ќе ви трае со години.

Светлина: Побујна е во топли и светли простории, но добро поднесува и сенка.

Влага: Ниска.

Вода: Ретко полевање – зимно време еднаш месечно, а во остатокот од годината еднаш на две седмици.

Нега: Кога билката ќе ја надрасне саксијата, извадете ја и поделете ја во две помали билки.

Филодендрон (Pholodendron Scandens)

Во книгата е претставен како билка која смирува и релаксира. Брзо расте и лесно е за негување, па со него може да се постигне “ефект на џунгла”.

Можете да го сместите високо на ѕидни полици низ кои ќе може да се спушта, или да се посади во саксија и да се потпре со жичана конструкција или стап обложен со мов, на кого ќе се искачува како ползавец.

Неговите тркалезни, срцевидни листови можат да ги ублажат аглите на модерни, минималистички простори и да направат зелена фокална точка која поттикнува релаксација.

Светлина: Му одговара филтрирано светло и умерена сенка. Под силно сонце листовите ќе пожолтат или ќе се здобијат со изгореници.

Влага: Оваа билка најдобро успева во топли, влажни услови. Редовно наросувајте ја.

Вода: Меѓу пролетта и есента земјата одржувајте ја влажна. Зимно време полевајте само кога ќе забележите дека земјата е сува.

Нега: за да ја поттикнете фотосинтезата кај оваа билка и нејзиното растење, редовно бришете ја прашината од листовите со влажна крпа. Ако сакате да поттикнете побујност, тогаш искастрете ги врвовите на билката. Гранчињата ставете ги во вода, а тие ќе пуштат коренчиња.

Јапонско дрво на парите (Crassula Ovata) 

Доста е лесно одржувањето на дрвото на парите, што до некаде ја објаснува и трајната популарност ширум светот.

Овие сукуленти ја задржуваат водата во листовите и стебленцата, им одговара сувост, па дури добро поднесуваат и ако малку ги занемарите.

Во азиските култури се смета дека носат среќа, богатство и напредок: следбениците на филозофијата Фенг шуи ги сместуваат во југоисточниот агол од просторот и веруваат дека секој нов лист најавува материјална добивка.

Иако богатството не е исто што и среќа, сепак оваа билка се сврстува меѓу оние кои носар радост и среќа во домот – па со мал труд во оваа билка, таа повеќекратно е ви се исплати.

Дури и научните истражувања потврдуваат дека негувањето на билките и општо градинарството го подобрува расположението и ве прави посреќни и пооптимистични.

Светлина: И одговара место со доста индиректна светлина.

Влага: ниска.

Вода: Во текот на летните месеци се полева само кога ќе забележите дека земјата е сува. Зимно време се полева ретко, колку да не се “смежураат” листовите.

Нега: Пресадете ја билката на секои две до три години. Возрасните билки можат да пораснат доста високи, па дури и до еден метар и прекрасно изгледаат во секоја просторија.