Оваа брза кекс торта со ореви е целата кремаста, лесна и вкусна. Едноставно се приготвува само од неколку состојки. Рецепт и видео презентација на “Неодоливи вкусови” – Брза кекс торта со ореви.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл зовриена вода, 300 г мелени ореви, 250 г несолен путер, омекнат на собна температура, 220 г шеќер во прав, 250 мл млеко, 2-3 лажици рум (наместо рум може и сок од портокал или 1 лажица екстракт од рум), 580 г петит кекси и ореви за наросување, половина мелени, половина сечкани




ПОСТАПКА: Оревите попарете ги со 250 мл зовриена вода, мешајте една минута додека да се соедини смесата, па тргнете го садот од оган и оставете го на страна целосно да излади, со повремено промешување.




Во меѓувреме пенасто изматете го путерот. Додајте шеќер во прав и продолжете со матење додека да се добие кремаста структура. Во изматениот путер додајте ги целосно изладените ореви и убаво соединете. Филот поделете го на четири еднакви делови.




Бисквитите кратко натопувајте ги во млеко помешано со рум (или во сок од портокал, по ваша желба) и редете ги во правоаголен калап, во 4 реда по 5 бисквити (20 бисквити во еден ред).




Преку секој ред нанесете ¼ фил. Најгоре и странично наросете мелени и сечкани ореви. Пред сечење и послужување тортата треба да отстои во фрижидер, најдобро преку ноќ. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и следниот рецепт за брза непечена Наполеон торта, исто така со кекси:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 100 г шеќер, 1 кесичка ванила шеќер (10 г), 4 супени лажици брашно, 2 супени лажици скроб (нишесте/густин), 800 мл млеко, 80 г путер, 500 г бисквити (плазма, петит, пишкоти, турски или некои други кекси по ваш вкус)

ПОСТАПКА: во едно подлабоко тенџере скршете две јајца па пенасто изматете ги со виљушка или жица маталка. Додајте 100 г шеќер и продолжете да мешате додека шеќерот да се растопи. потоа додајте и 10 г ванилин шеќер.




Откако добро ќе ги изматите јајцата, додајте 4 супени лажици (до врв полни) брашно. Брашното постепено додавајте го додека матите и внимавајте добро да се изедначи смесата, да стане мазна и да нема грутчиња.

Потоа додајте две полни до врв супени лажици густин, па продолжете со матење (исто така, додека смесата да стане мазна и без грутчиња). Ќе забележите дека смесата ќе згусне, па затоа додајте малку од оние 800 мл млеко и промешајте за да се разреди.




Продолжете да го додавате целото млеко во тенок млаз додека постојано мешате. Потоа тенџерето ставете го на рингла и загревајте го на умерен оган со постојано мешање. Сварете го кремот исто како пудинг додека да згусне (мешајте и внимавајте да не ви загори).

Во зготвениот крем додека сè уште е топол додајте 80 г путер исечкан на коцки или ленти и продолжете со мешањето додека тој да се растопи и да се инкорпорира целосно во смесата. Кремот префрлете го во друг сад за побрзо да се олади.




Калап за торти со подвижен обраш 18 см обложете го со проѕирна фолија, па на дното наредете кекси. Во зависност од видот на кексите оцените дали е потребно претходно да ги натопувате во малку млеко или доволно е малку да ги натопите во кремот и да ги „залепите“ на дното од калапот.

Откако ќе го пополните дното, преку нив распоредете еден слој од кремот, па врз него наредете нов ред на кекси. Повторно распоредете слој крем и израмнете. Постапката повторете ја додека имате материјал.




На крај тортата одозгора наросете ја со мелени или иситнети кекси, мелени лешници, ореви, рендано чоколадо или што и да сакате по ваш вкус. Најдобро е тортата да преноќи во фрижидер за да омекнат убаво кексите и да се стегне тортата. Но доколку се брзате, можете и да ја ставите во замрзнувач на 1,5-2 часа. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.