Уште еден во низата домашни рецепти за одлично меко печиво, полнето со пица-фил, со скратено време за подотовка, бидејќи сè се витка како ролничка и се сече на помали парчиња, па се добиваат овие фини помали или поголеми залчиња, во зависност од тоа колкави ќе ги исечете. Одличен избор за родендени или било која друга пригода, па дури и за вечера или појадок. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за тесто: 750 г меко брашно, 200 мл млеко, 1 коцка свеж квасец (30-40 г) или 1 кесичка сув (7-8 г), 1 супена лажица шеќер, 1 супена лажица сол, 250 мл вода, 100 мл растително масло.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за фил: 300-350 г шунка или салама по избор, 100-150 г кашкавал, кечап или доматен сос, оригано или босилек. И уште: 1 жолчка, 1 супена лажица млеко, на врв лажичка црвен пипер во прав или кечап

ПОСТАПКА: Во топло (млако) млеко изронете го квасецот и шеќерот, промешајте да се растворат и оставете 10-тина минути за да се зактивира квасецот и да запени. За тоа време измерете го брашното, додајте сол и промешајте. Потоа сипајте топка вода, 70 мл масло и активираниот квасец.

Прво мешајте со лажица додека да се соединат состојките, а потоа замесете компактно тесто. Тоа треба да биде доста меко и лепливо за рака, па пред крај истресете го на малку намастена работна површина, сипете му малку масло и домесете го додека тоа да се апсорбира.

Кога ќе добиете мазно и нелепливо тесто, поделете го на четири дела, па секој дел обликувајте го во топка. Секоја топка тесто премачкјате ја со малку масло и оставете ја врз намастена површина. Тестото прекријте го со кеса или стреч фолија, а одозгора и крпа, па оставете го во топла просторија да стасува половина час.

Додека топките тесто го удвојуваат својот волумен, вие пригответе го филот. Изрендајте ги шунката и кашкавалот, измешајте ги заедно, додајте доматен сос или кечап колку да се поврзе мешавината (смесата треба да биде густа) и на крај додајте оригано или босилек.

Земајте едно по едно од тестата и прво со рака обликувајте ги во правоаголник, а потоа со оклагија развлечете ги со должина според плехот од рерна, а широчина приближно 20-25 см. Пресечете ги хоризонтално да се добијат две ленти. Половината од лентата исецкајте ја со засеци, а на другата половина ставете фил по целата должина.

Свиткајте ја кората преку филот да добиете ролничка, па ставете ја во плех обложен со хартија за печење или намастен со путер. Постапката повторете ја со сите 4 теста, така што на крај ќе добиете 8 ролатчиња. Покријте го плехот и оставете тестото да стасува половина час.

Направете премаз од жолчка, млеко и црвен пипер во прав, па подоцна премачкјате ги ролничките кога ќе стасаат. Потоа исечете ги со големина која сакате, јас ги пресеков на 6 делови, така што добив 48 парчиња мини печива, а може да се исечат и уште поситно.

Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени приближно 25 минути или додека да заруменат. Печеното печиво покријте го со крпа и оставете да подизлади, или премачкјате го со малку масло веднаш штом го извадите од рерна, па потоа оставете да отстои. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.