Од цвеќарниците најчесто ги набавуваме орхидеите од родот фаленопсис. Овој род се моноподијални епифити или литофити со долги, груби и кратки корени, лиснати стебла и долготрајни, рамни цветови распоредени во цветно стебло кое често се разгранува до врвот.

Во домашни услови, орхидејата се чува како саксиско цвеќе. Се пресадува по 2 до 3 години, кога корењата ќе почнат да „излегуваат“ од саксијата. Исто така, орхидејата не сака „удобна“ саксија, затоа погрижете се кога ќе ја пресадувате, тоа да е саксија со иста големина како претходната или 1-2 см поширока, што ќе ги држи корењата блиску еден до друг.

Знаењето како да се пресади орхидејата е важен дел од грижата за орхидејата. Идеално време за пресадување на орхидеи е кога се појавуваат нови израстоци, корени – обично во пролет. Ако е можно, не брзајте со пресадување додека орхидејата да заврши со цветање и сите цветови да паднат.

Зрелото растение може да продолжи да живее во истиот сад на неодредено време, иако садниците може да бараат годишно пресадување. За да ги направите корените поиздржливи, потопете го растението околу 5 минути во вода пред пресадувањето.

Потоа, извадете го растението од саксијата. Орхидеите можат многу да се приврзат за нивните саксии, а нивното отстранување може да биде малку незгодно, особено ако орхидеите се „залепат“ за земјата. Мртвите корења се лесно препознатливи бидејќи ќе бидат црни или суви.

Здравите корени ќе бидат бели, зелени и цврсти. Исечете ги во еден потег мртвите корења со стелиризирани ножици за кастрење и исплакнете ги коренчињата со млака вода од чешма. Потоа пресадете ја во новата саксија.

Откога ќе ја пресадите орхидејата во новиот дом-саксија, погрижете се да е добро ситуирана и прицврстена со „земјата“ која е најсоодветна за орхидеи (тоа е најчесто кора од дабово дрво или мешавина која содржи ситни парчиња од ова дрво).

Многумина имаат проблем со тоа што по првото цветање, орхидеите не им растат или цветаат повторно, а понекогаш и коренчињата изумираат. Една жена на јутјуб се пожали од истата мака и сподели како таа се справила со орхидејата да пушти нови корења на многу невообичаен начин.

„Сосетките, кои ми се и пријателки, ми се чудеа зошто сум ја превртела орхидејата, а по некое време кога почна да пушта нови коренчиња, веднаш ми побараа по едно коренче. Јас имав подготвено неколку орхидеи во чаша и ги чекав да пуштат коренче. Сега ќе ви споделам што направив јас,“ вели жената.

Kај мене сите коренчиња беа исушени, како што може да видите. Убаво ја исчистив и ги исеков сувите и мртвите коренчиња. Исечете го стебленцето речиси до коренот, а здравите листови оставете ги. Убаво измијте ја орхидејата под млаз млака вода, сосе коренот и листовите.

Подгответе си едно чешне лук (за една орхидеја). Изгмечете го лукчето со толчник и ставете го во подлабок сад. Сипете 1 литар вода. Кога лукчето ќе ја испушти својата арома, процедете ја водата во друга чаша. Потопете ја орхидејата сосе листовите во водата и оставете да кисне 10-тина минути, да се дезинфицира.

Извадете ја од водата, истурете ја водата, па повторно ставете ја, но овојпат со коренот нагоре, така што тој нема да биде во чашата. Оставете орхидејата целосно да се исуши. Подгответе си нова пластична чаша (да биде проѕирна), па ставете ја орхидејата превртена така што само врвот на листовите ќе биде натопен малку во обична и чиста вода, а коренот не.

Со друга пластична чаша, направете мали дупки на дното од чашата и покријте го коренот (како стаклена градина) така што ќе ги ставите двете чаши една врз друга со отворот. Дупките ќе помогнат во провевот на воздух, кој е важен за орхидејата.

Зацврстете ги двете чаши една со друга со помош на штипче. На овој начин оставете ја орхидејата покрај прозор на индиректна светлина (на исток или север) и за некое време ќе пушти нови и здрави коренчиња. Потоа, засадете ја на вообичаен начин. Деталите погледнете ги ОВДЕ, а за пресадувањето прочитајте повеќе ОВДЕ – анг.