Многу години живееме во странство, но редовно секое лето доаѓаме во Македонија, некогаш по еден месец, некогаш три или пет, зависи како сме со работа. Мојот сопруг отсекогаш работаше со скратено работно време и никогаш не беше строго обврзан со работното место, па често прв заминуваше дома во татковината, а последен се враќаше.

Од тие причини многу ретко патувавме заедно. Јас имам 60, а тој 63 години и досега не се случило да имам ваков проблем. Можеби имало нешто, но не сум знаела. Сосем случајно, не знам што ме натера да му го земам таблетот, открив дека се допишува со друга жена.

Бев многу изненадена и додека ги читав пораките многу се вознемирив. Меѓу другото, видов дека неколку месеци наназад си испраќале фотографии од себе, од јадења што дента ги јаделе и други обични, секојдневни работи. Разговорите им беа многу пријателски.

Но, во еден момент тој и пишал дека чувствува огромна хемија меѓу нив двајцата и дека едвај чека да ја види за да ја гушне и да ја држи за рака. Ја нарекува „мила“, „драга“, „ангелче“, „сонце мое“.

Веднаш после неколку реда, прочитав дека, освен што едвај чекал да ја види и гушне, сакал господинот и да изнајмат хотел за подобро да ја запознаел. После повеќечасовно „копање“ низ пораките, сфатив дека и таа живее во странство, а се запознале на пат, враќајќи се заедно кон Македонија.

Исто така, прочитав дека жената не сакала „демек“ да има ништо со него, зашто била мажена, ама многу и годеле неговите зборови и тој направил таа да се чувствува повторно младо, иако имала 50 години. Исто така, прочитав дека дома со мажот си живееле секој посебно, дека тој постојано бил излезен со пријателите по кафеани, а таа си излегувала со пријателки.

Очигледно, на оваа жена и фалеле комплименти и внимание што не ги добивала од својот маж, па нашла да го заведува мојов. Сето ова ми беше како да ме удрил гром од ведро небо. Пред четири месеци славевме годишнина од брак со целото семејство, па замислете во каква илузија јас сум живеела.

Не можев да седам мирна и да се преправам како ништо да не се случува, па веднаш го соочив и му кажав дека сето тоа сум го дознала од неговиот телефон, а таблетот го скрив. Многу се расправавме зашто го фатив во тесно и не можеше ништо да излаже.

Ме обвини мене, зашто јас не сум му обраќала доволно внимание и се чувствувал запоставен, па затоа, од досада го започнал пријателството со неа. Инаку, на сликите била убава зашто ги филтрирала, а во живо не била толку убава, најобична била. Ама му била добар другар и затоа ќе продолжел да се допишува со неа.

Видов – не видов, зедов и и’ пишав. И се претставив дека јас сум негова жена и на почетокот бев многу љубезна, но кога и напишав дека Бог ќе ја казни затоа што се меша во туѓи бракови, одеднаш ме блокираше, а со маж ми си продолжи да се допишува.

Еднаш му го зедов телефонот и видов дека ја сменил шифрата. Додека тој беше излезен, јас влегов во неговиот профил преку таблетот и и’ пишав нејзе во негово име. И реков дека мора да „ме“ блокира, зашто јас сум му правела проблеми и сум се заканувала дека сè ќе му откријам на мажот и’.

Таа му напиша дека не знаел добро да се крие и во иднина да бил попретпазлив за да си нема проблеми. И после го блокна. За цело време додека јас се допишував со неа преку неговиот профил, тој читал но, не сакал да се вмеша. Кога се врати ми беше многу лут и рече дека сум го посрамотила.

Помина некое време и малку се потсмиривме, но од други луѓе разбрав дека од пријатели барал да му направат нов профил, па така и открив кое му е новото име. Сето ова го дознав од жената на пријателот кој му го направи профилот. Веднаш со „пријателката“ повторно се спријателил и влегол во многу групи кои се стриктно наменети за запознавање и дружење.

Јас пак успеав да му влезам и во овој профил и видов дека почнал да добива многу пријателства од други жени, дури и многу помлади од него, а некои му имаа испратено и безобразни слики и видеа.

Повторно го соочив и му реков дека сè знам и барам објаснување зошто со неа пак барал пријателство, тој ми одговори дека му било срам од мојата постапка, па сакал да и се извини.

Јас сум крајно изреволтирана и не знам што повеќе да направам со моево „старо-аро“, ама размислувам и јас него да го изненадам со развод. Ваш предлог?