Децата комуницираат на поинаков начин од возрасните. „Децата не се склони да бараат помош и затоа, возрасните кога им приоѓаат на децата не треба да очекувааат дека тие ќе побараат конкретна помош од нив, во некоја одредена ситуација“, рече д-р Чаловска.

Многу е важно родителите да знаат со какви содржини тие се среќаваат на социјалните мрежи, за потоа заедно со нив да искоментираат, да развијат критички став, критичка свест и критичка мисла. Меѓутоа, за да се случи тоа, неопходно е да се има добар, стабилен однос на доверба и сигурност меѓу родителите и децата.

Важно е личноста која е блиска со детето и која детето ја доживува како доверлива личност, да биде достапна и да реагира, што е многу важно во комуникацијата. Ако блискоста не постои, мора да ја изградиме, нагласува професорката и вели дека треба да препознаеме кој во детската средина е веројатно доверлив човек.

Исто така, корисно е да родителите да разговараат со детето и неговите пријатели за тоа. Треба да се покаже интерес, да го прашате што се случува, да побарате тоа да ве научи и да ви покаже, советува психотерапевтот. Тоа е еден од начините да се отвори разговорот и потоа да се коментира за она што се случува.

Како трауматичните настани влијаат врз сите нас?

„Живееме во нашите тела и тоа е нашата прва адреса и секако физички ќе реагираме на стресни настани. Исто така, имаме основни рутини кои се поврзани со нашите навики за јадење и спиење. Ова се првите знаци дека нешто се случува со нас“, забележува д-р Чаловска.

На емотивен план, зборуваме за многу широк опсег на чувства, од страв до паника, од тага до очај и безнадежност, од лутина и раздразливост до бес, понекогаш дури и до напад на паника или некоја психосоматска декомпензација. Тоа значи дека има огромен опсег и емоционалните одговори на стресот се означени и дефинирани на многу индивидуализиран начин.

„Темпераментот е нешто со кое сме родени, ние сме генетски предиспонирани или да имаме многу брзо ментално темпо, да бидеме oтворени, да бидеме многу љубопитни или да бидеме претпазливи, да се повлечеме. Под стрес, овие однесувања и овие реакции стануваат уште поизразени, но доколку се такви што го нарушуваат основното функционирање, тогаш потребна е стручна помош“, нагласува д-р Чаловска.

д-р Чаловска

Како да им помогнете на децата да се опорават од стресот?

Некои деца воопшто нема да бидат подготвени да разговараат, ќе треба време. Некои никогаш не сакаат да разговараат. Родителите мора да избегнуваат да негираат дека тоа се случило, кога децата поставуваат прашања, да понудат одговори, но и кога немаат одговор, отворено да признаат дека нешто не знаат.

„Она што е императив во овој момент е да се врати или барем да се воспостави одреден степен на безбедност за нашите деца. Тоа ќе го направиме ако почитуваме некои секојдневни рутини, се разбира со присуство и заедништво и отворена комуникација, подготвеност за разговор, да ги слушаме, да одговориме, да бидеме навистина искрени во одговорите, но во исто време да не ги заплашуваме децата“, нагласува д-р Невена Чаловска Херцог.

Кога родителите се чувствуваат немоќни или кога родителите не можат да ја задржат својата вознемиреност и паника, тогаш некој друг мора да се вклучи. Тоа може да биде професионална личност, може да биде некој од семејството или некој од кругот на пријатели кој ќе понуди стабилно присуство и можност некако да ја ресетираме оваа ситуација.

„Не треба да очекуваме дека ќе можеме за момент, да се вратиме таму каде што бевме по одредена трауматска ситуација. Спиење, јадење, физичка активност, разговор, дружење. Не можеме да очекуваме да бидеме професионално ефикасни, не можеме да очекуваме децата сега да можат да учат затоа што сите имаат потешкотии со концентрацијата и меморијата во период на стрес“, заклучува д-р Чаловска.