Шербетни колачи со гриз: Ситни залачиња кои ќе ви станат омилени – подготовката е полесна отколку за баклава

Ситните колачи со гриз приготвени од тесто и прелиени со шербет, имаат неодолив вкус, а полесно се приготвуваат отколку баклавата. Секој слушнал и барем еднаш во животот пробал баклава.




Тоа е колач приготвен од кори, ореви или некои други јаткасти плодови и масло. Кога ќе се испече баклавата се прелива со ладен шеќерен сируп (шербет), а откако ќе го впие, се послужува.




Баклавата е вкусен десерт кој лесно се приготвува со готови кори, а сега можете да приготвите уште една ориентална слатка, многу брзо и едноставно. За колачот од гриз ќе биде потребно да замесите тесто, да направите топчиња, а потоа да ги валкате во гриз.




Потоа треба да ги испечете и да ги прелиете со шербет. А пак, за да го приготвите тестото, не ви е потребна некоја голема вештина, бидејќи на сите им успева од првпат.




Навистина овој колач и баклавата се разликуваат во начинот на приготвување, а само шеќерниот сируп им е заедничка состојка, но сите што ја сакаат баклавата, многу брзо го засакуваат и овој сочен колач од гриз. Веруваме дека и вас ќе ве освои уште при првиот залак.




Потребни состојки за шербет: 3 чаши шеќер, 3 чаши вода, 2-3 капки сок од лимон. За тестото: 1 јајце, 1 чаша масло, 1 чаша јогурт, 1 кесичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 чаша гриз, 3 чаши брашно




Постапка: најпрво пригответе го шербетот за да има време да се растопи убаво шеќерот. Во тенџере измешајте шеќер, вода и сок од лимон. Нема потреба да го варите, овој шеќерен сируп не се вари, туку се промешува одвреме-навреме, за да се растопи целосно шеќерот.




За тесто: во посебен подлабок сад измешајте јајце, масло, јогурт, прашок за печиво, ванилин шеќер, соединете, па додајте гриз и на крај брашно. Добро промешајте и замесете тесто.




Кинете мали парчиња и формирајте топчиња. Редете ги во плех за печење. Секое топче превртете го во гриз и вратете го во плехот. Земете една жица-продолжеток од миксер и нежно притиснете за да направите шара врз секое колаче.




Печете во претходно загреана рерна на 180 ° C околу 30-35 минути. Прелијте ги врелите колачи со ладниот шербет. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Претходна статијаЗелени домати во тегла, но на поинаков начин, без конзерванси
Следна статијаАнанасот е единственото овошје што може да се јаде после оброк, а еве како да одберете вкусен, сочен и зрел плод