Ако барате добар рецепт за пченкарна пита – проја, испробајте го овој лесен рецепт. Пројата е мека и сочна, а однадвор со тенка крцкава коричка. Тајната е во зеленчукот кој се додава во тестото за да биде сочно и вкусно, а зачините и фета сирењето му даваат карактеристичен вкус, кој се послужува како предјадење. Во продолжение прочитајте уште еден брз рецепт за проја, за ненадејни гости. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 шолја пченкарно брашно, 1 шолја пченично брашно, две лажички прашок за печиво, 2 јајца, една шолја јогурт, 120 г путер, 2 супени лажици маслиново масло, 1 мала тиквичка (или ситно сечкани зелени перца од младо кромитче), 200 г фета сирење, мајчина душица. Како мерка се користи шолја од 200 мл.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 3 јајца, 350 г сирење, 400 мл јогурт, 200 мл масло, 250 г пченкарен гриз или палента, 200 г пченично меко брашно, 1 кесичка прашок за печиво, сол по вкус и во зависност од соленоста на сирењето.

ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Веднаш вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени, бидејќи пројата се подготвува за кратко време, само се мешаат состојките и се излева во калап за печење. Во еден сад измешајте ги сите суви состојки (пченично и пченкарно брашно, прашок за печиво и сол по вкус).

промешајте

Во друг сад измешајте ги јајцата, маслото, јогуртот и растопениот путер. Се мешаат двете смеси и се додаваат ренданите тиквички, како и сечканата фета. Добро измешајте, истурете ја смесата во подмачкана тава, израмнете и наросете со мајчина душица.

Печете најмалку 35 минути или додека чепкалка боцната во центарот да излезе чиста. Пројата се остава да се лади на собна температура и се сече на триаголници, коцки или како вие сакате. Следи постапката за вториот рецепт:

ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Сирењето иситнете го со помош на виљушка или раце, на поситни и покрупни парчиња, по желба. Во посебен подлабок сад скршете ги трите јајца и изматете ги со жица маталка.

Во изматените јајца додајте го иситнетото сирење, јогуртот, маслото и двата вида брашно помешани со прашокот за печиво. Посолете по вкус и сè промешајте. Плех со величина 33х20 см намастете го со масло на дното и ѕидовите, а потоа наросете го со брашно.

Приготвената смеса излејте ја во плехот, распоредете рамномерно и малку протресете го. Ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 200-220 степени околу 35 минути, односно додека да зарумени.