Home Рецепти Рецепт за домашна пченкарна пита (ПРОЈА) каква што мама ја правеше кога...

Рецепт за домашна пченкарна пита (ПРОЈА) каква што мама ја правеше кога бев дете

Оваа пченкарна пита (проја) е одлична да се јаде послужена како предјадење, со мезе, или пак да се послужи како еден од главните оброци со чаша јогурт или кисело млеко. Многу брзо и едноставно се приготвува, а многу е вкусна и лесна за стомакот. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200-250 мл): 4 јајца со средна големина, 1 чаша (200 мл) јогурт, 1 чаша (200 мл) газирана вода, 1/2 чаша (100 мл) масло за готвење, 1.5 чаша  (од 250 мл) пченкарен гриз, 1 чаша  (од 250 мл) пченкарно брашно, 1 чаша (од 250 мл) бело брашно т 400, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 250 г младо сирење




ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете 4 јајца и изматете ги со кратко со кијнска жица-маталка. Додајте половина чаша масло за готвење (100 мл), една чаша газирана вода (200 мл) и една чаша течен јогурт (200 мл), па повторно кратко изматете за да се изедначат и соединат состојките.




Во оваа течна мешавина полека додајте една чаша брашно тип 400 додека непрекинато мешате со маталката. Добро изматете за да добиете мазна и течна смеса без грутчиња, со слична конзистенција на јогуртот.




На ист начин додајте и една чаша пченкарно брашно. Овие две брашна се ситно мелени (прашкасти) и затоа е потребно непрекинато да се меша додека постепено се додаваат, за да не се создадат грутчиња. Освен со маталката, по ѕидовите на садот поминете и со силиконска шпатула, за случајно да не се залепило малку брашно.




Потоа додајте една кесичка прашок за печиво (10 г) и една и пол чаша пченкарен гриз или палента. Добро измешајте додека состојките целосно да се изедначат и да се добие хомогено, полутечно тесто без грутчиња.




Во смесата додајте 250 г младо сирење или фета, изронето на поситни и покрупни парчиња, посолете по вкус во зависност од тоа колку е солено сирењето (ако е солено може и воопшто да не додавате), па промешајте со лажица или шпатула.




Калап или тепсија со средна величина намастете ја со малку масло на дното и ѕидовите, а потоа сипете ја целата смеса. Рамномерно распоредете ја и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 20 минути, а потоа намалете на 160 степени и печете уште 10 минути. Кога ќе се испече оставете ја да се олади, па сечете и послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ.