Во емисијата Јади бурек со водителот Јанко Илковски пред извесно време гостуваше нашиот најпознат епидемиолог, проф. д-р Драган Даниловски. Информацијата дека д-р Даниловски ќе гостува во неговата емисија, Јанко ја постави во најпознатата група каде се споделуваат искуства и дилеми околу вирусот „Ковид искуства и совети“.

Оние кои од некоја причина не биле во можност да ја гледаат емисијата, поставуваа прашања во групата, а професорот им одговараше. Издвоивме неколку, од оние кои најчесто беа поставувани, односно, околу тоа колку трае имунитетот по прележување на вирусот и кога би требало да се вратат вкусот и мирисот.

На прашањето, колку трае имунитетот по прележување на вирусот, д-р Даниловски одговори: „Досегашните сознанија се дека хуморалниот имунитет (антителата) може да трае од три до девет месеци, а има случаи и до 12 месеци.

Но, констатирано е дека се развива и т.н. клеточен имунитет, кој штити од реинфекција независно дали и во која мера се развиле антитела! Сѐ уште не може да се согледа колку тој ќе трае, но се претпоставува дека тоа ќе биде со години.

Се разбира, со текот на времето, шансите за реинфекција ќе се зголемуваат. Но и тогаш би се работело за асимптоматска или инфекција со благи симптоми. За жал, ако настане инфекција, тоа ќе значи и можност за пренесување на вирусот на осетливи лица.

Затоа, заради тој ризик, се препорачува вакцинирање само со една доза на вакцина после околу 5-8 месеци, која би имала улога на бустер (поттикнувач) на имунитетот.

Ако еден ден, однекаде се појави бразилскиот мутант, стекнатиот имунитет (со прележување на болеста или со вакцина) ќе штити само 40 проценти. Тоа не е доволно.

Затоа, во меѓувреме, забрзано се работи на адаптирање на вакцините кон тој мутант. Тогаш ќе треба да се прими дополнителна доза на таква „апдејтирана“ вакцина“, објасни докторот.

Едно од најчесто поставувани прашања во групата, беше за изгубеното сетило на мирис и вкус, односно, кога би се вратил вкусот и мирисот, едни од најчестите симптоми и последици од овој вирус, и што треба да се направи за повторно да се поттикнат овие сетила. Професорот одговори:

„Не може да не се врати. Нервното ткиво поседува т.н. невропластичност, што подразбира способност да се воспоставуваат нови нервни патишта (мрежи), како компензација за загубените заради инфекцијата.

За оваа цел помага тренинг на мирисот преку секојдневно мирисање на разни предмети во вашата околина (парфеми, кромид, лук, портокал, јаболко, разни етерични масла.

Ако тоа не помогне, доаѓаат предвид и медикаментозни интервенции со кортикостероиди во форма на носни спрејови или за земање преку уста. Се разбира дека за тоа морате да се консултирате со вашиот лекар.“

И во друг коментар: „Растројствата на сетивата за вкус и мирис може да траат и со месеци. Се препорачуваат вежби за мирисот.

„Тренирајте“ го така што секој ден по неколку пати мирисајте разни материи – парфеми, лук, кромид, кафе итн. Така, постепено ќе се опорават, обноват рецепторите за мирис, а со тоа и за вкус.“