РЕЦЕПТ ЗА ЛЕКУВАЊЕ И СМИРУВАЊЕ НА ЗУЕЊЕТО ВО УШИТЕ СПОРЕД БИЛКАРОТ МАРТИН НАЈДОВСКИ

За читателите на НМД, познатиот билкар Мартин Најдовски ни испрати испробан и ефикасен рецепт за лекување на зуењето во ушите. За да го приготвите овој лек ќе ви бидат потребни неколку прегради од оревовите лушпи и ладно цедено маслиново масло.

ЛЕК ЗА ЗУЕЊЕ ВО УШИТЕ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10-12 прегради од оревови лушпи и 200 мл маслиново масло. Освен рецептот подолу, прочитајте и „ВЕЖБИ против ЗУЕЊЕ ВО УШИТЕ (тинитус) – Презентер: д-р Бојана Манадиќ“ – ОВДЕ.

ПОСТАПКА: Оревовите прегради ставете ги заедно со маслиновото масло да се пропржат на умерен оган. Пржете ги околу 5-10 минути или додека маслото да ја смени бојата и да потемне. Потоа тргнете го настрана и оставете го да излади. Маслото складирајте го во шишенце со капалка. Употреба: По 2 капки во двете уши, трипати дневно.

Тинитус или зуењето во ушите иако само по себе не е болест, претставува многу непријатна појава. Може да се појави во облик на ѕвонење, бранување, свирење, шуштење, брмчење или ѕунење, да биде тивко или гласно. Овие звуци може да се слушаат повремено или постојано и со различна гласност.

Честопати се засилуваат кога ќе стивне надворешната врева, а тоа е најзабележително кога ноќе се обидувате да заспиете во тивка соба. Медицината досега не нашла лек за оваа појава, но за среќа постојат некои природни средства со кои може да се ублажи.

Околу 10% од возрасните имаат некаква форма на тинитус. Грубите проценки се дека седум проценти од жените и од мажите во текот на животот посетуваат лекар поради вакви проблеми. Сериозното зуење во ушите кое значајно го нарушува животот на луѓето се јавува кај едно до 100 лица.

Зуењето се јавува кога се јавува една од пречките во преносот на звукот однадвор до центрите за слух во церебралниот кортекс. На ниво на ушниот канал, тоа може да биде акумулација на маснотии во увото (церумен). Во средното уво тоа може да биде воспаление, отосклероза, болест на Евстахиевата туба, секрет во увото.

Во внатрешното уво, каде што има најголем број на причини, може да има оштетување на завршните делови на аудитивниот нерв (старечка глувост, акустична траума, акутна глувост, болест на Мениер). На патот до центарот на мозокот, можат да се најдат многу причини: тумори на аудитивниот нерв, мултиплекс склероза, последица на повреда на главата, васкуларни заболувања, хипертензија…

Тинитусот е состојба која предизвикува непријатно чувство и проблеми со концентрацијата и спиењето, Може да влијае и на работата и на личните односи и доведува до психолошки нарушувања. Тинитусот во некои случаи е предизвикан од инфекции или препреки во увото и исчезнува откако болеста ќе се излекува.

Но, тинитусот честопати останува и по лекувањето на болеста. Во тој случај конвенционално и алтернативното лекување може да донесе големо олеснување, со ублажување или со придушување на несаканите звуци.

Дефицит на витамините од групата Б може да предизвика зуење во ушите

Ако имате зуење во ушите, земете Б витамини. Терапијата со Б витамините е првото нешто што го препишуваат докторите при зуење во ушите. Понекогаш, непријатното зуење во ушите може да биде предизвикано од недостиг на некој од Б витамините, па суплементите се пожелни во оваа ситуација. Д-р Михаел Зајдман кој е специјалист за уво, нос и грло ги препорачува витамините Б1 – тиамин, Б3-ниацин и витамин Б12.

Според него витаминот Б1 може да помогне во ублажувањето на тинитусот затоа што го стабилизира нервниот систем, особено нервите на внатрешното уво. Исто така, овие витамини ја подобруваат и циркулацијата на внатрешното уво. Некои истражувања го поврзуваат тинитусот со недостаток на витаминот Б12, па затоа земањето на овој суплемент може да биде од корист кај лицата кои се дефицитарни со овој витамин.

Кинеската медицина го препорачува сусамот во секојдневната исхрана кај лицата со тинитус

Кинеската медицина долги години го препорачува сусамот како храна која помага за ублажување на симптомите при тинитус. Семето од сусам или пастата од сусам (таан) може да се додаваат во салати, печива или како да се користат за подготовка на намази.

Гинкго билоба – ја подобрува циркулацијата и го намалува зуењето во ушите

Една од најчестите намирници кои се препорачува како помош во лекувањето на тинитус е гинкго билоба. Неколку истражувања покажале дека гингкото помага за ублажувањето на симптомите предизвикани од многу здравствени состојби поврзани со стареењето, вклучувајќи го и губењето на помнењето, слабата циркулација, па и за тинитус. Бидејќи гинкото ја подобрува циркулацијата, помага кај лица кај кои појавата на тинитус е поврзана со намален доток на к-рв во внатрешното уво.

Недостатокот на цинк може да доведе до тинитус

Тинитусот исто така може да биде поврзан со недостаток на цинк. Ако имате зуење во ушите во исхраната вклучете ги семките од тиква и бразилските ореви, кои може да помогнат за намалување на овој непријатен проблем. Во консултацијата со вашиот доктор може да земете и суплементи со цинк.

Магнезиумот може да ви помогне и да го намали непријатното зуење во ушите

Во некои случаи магнезиумот може да помогне при тинитус. Д-р Зајдман препорачува 400 мг магнезиум на ден. Согласно истражувањата се утврдило дека магнезиумот може да ја спречи загубата на слухот, па се препорачува и во терапијата од тинитус.