Нешто многу едноставно, вкусно и после ден-два може да се јаде.

Потребни состојки за зимница:

-пиперка зелена, црвена и жолта
-морков
-црвен кромид
-карфиол
-краставици
-зелени домати
-свежа зелка

За ПРЕЛИВ:

500 мл алкохолна киселина
2 литри ладна вода
200 г шеќер
200 г сол
Црн пипер во зрно
Коријандер во зрно

Постапка:

Намерно не ги ставив количините, зошто секој става според сопствена желба, што повеќе сака, а може и сите состојки подеднакво.

Сите состојки исечкајте ги нож: морковот и краставиците на тркалца, пиперката, зелката и кромидот на ленти со дебелина од 3-5 мм, доматите на четвртинки, карфиолот на ситни цветчиња.

Во меѓувреме ставете го оцетот да зоврие во кој сме додале вода, шеќер, сол, црн пипер и коријандер во зрно.

Зеленчукот редете го во тегли и добро настегајте го. Одозгора прелијте со врел прелив. Кој сакаодозгора може малку да нароси неколку зрнца конзерванс (јас ставам за подолг рок на траење), а кој не сака конзерванс нека проба со вакумирање (јас немам искуство со тоа, па не знам како се прави, но со задоволство би прифатила совет).

Во секоја тегла ставете 3-4 зрна црн пипер, неколку зрна коријандер и добро затворете.

Со овој прелив киселам секаков зеленчук, само што кога тоа го правам со пиперки, нив кратко ги проварувам во тој прелив. Оваа количина е доволна за 10-15 шишиња или тегли од 1 литар.