Палачинките се омилениот десерт на сите генерации. Она што е одлично за нив е тоа што може да ги послужите како солен оброк или како десерт.

Некои ги јадат шупливи, а некои филувани со чоколаден или лешников крем, мед, џем, пудинг, сладолед, а трети пак ги сакаат со солен фил или похувани како пирошки.

Во продолжение прочитајте ги двата најдобри рецепти за посни палачинки кои се подготвуваат без млеко и јајца, а сепак вкусни, меки и тенки како лист хартија, а кога ќе се нафилуваат со мармалад и наросат со мелени ореви, нема ништо поубаво, пишува НМД.

Со какао и шеќер мора да пробате, но мора да го наросите додека палачинките се врели за да може да се растопи и соедини. Може да ги наросувате и со цимет, кокос… а може да ги правите и солени.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ):

300 г брашно,
500 мл газирана вода,
100 мл масло,
1 прашок за печиво,
1 прстофат сол
и малку сода бикрабона околу половина лажичка.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ):

500 мл вода + уште малку за да се разреди додека да се добие густина на јогурт,
350 г меко брашно,
1 лажичка шеќер,
½ лажичка сол,
2 кесички ванилин шеќер (20 г) или арома,
малку рендана кора од лимон (не мора),
3 лажици масло за тестото + неколку капки за тавата за печење,
1 лажичка прашок за печиво.

ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Една по една намирница ги ставаме во сад за матење. Матете со миксер додека смесата да се изедначи и да нема грутчиња со конзистенција на јогурт.

Смесата оставете ја 10-тина минути да одмори или додека се загрее ринглата.

На загреано тавче намастено со малку масло ставете кутлача од смесата и убаво распоредете.

Печете на умерен оган, па кога ќе забележите дека краевите се одвојуваат, превртете ја палачинката и од другата страна, па печете уште минута-две и извадете. Постапката повторувајте ја додека да се потроши целата смеса.

ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Во подлабок сад измешајте ја водата, шеќерот, солта, ванилата, маслото и ренданата кора од лимон.

Промешајте за да се растворат и соединат состојките. Потоа додајте го брашното во кое сте додале и прашок за печиво. Добро изматете со жица или со миксер за да добиете мазна смеса без грутчиња.

Проценете ја густината, па по потреба додајте уште малку вода додека да добиете конзистенција на јогурт.

Секогаш правете прво погуста смеса без грутчиња од брашното, а дури потоа разредувајте ја (така полесно се добива мазна смеса со точна конзистенција).

Палачинките печете ги на вообичаен начин во добро загреана тава, а додека се печат намалувајте го огнот, односно прилагодувајте ја температурата постојано, за да не изгорат предвреме.

Печете ги од двете страни, потоа мачкајте ги со вашиот омилен џем, крем или што и да сакате, свиткајте ги и ужувајте во вкусот.