Ако сакате да направите вкусен десерт, а притоа да изгледа многу декоративно, направете ги овие триаголници без печење и без долго готвење. Нема да поминете во кујната подолго од 20 минути, а триаголнците ќе ги изедете за помалку од 5 минути.




Колачот изгледа како да го правеле професионални, а се прави толку многу лесно и едноставно, доколку ги следите постапно чекорите кои се опишани подолу. Колачот може да го послужите за престојните слави и празници, пишува НМД. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г путер, 80 г шеќер во прав, 250 г крем сирење, 10 г какао, 12 парчиња бисквити (6х6 см), малку млеко за натопување на бисквитите. ЗА ГЛАЗУРА: 70 г чоколадо, 50 г неутрална павлака за готвење. Декорација по желба.




ПОСТАПКА: За да го подготвите филот, најпрво путерот треба да биде омекнат, да отстои минимум 1 час на собна температура. Во омекнатиот путер додајте го шеќерот во прав и изматете ги состојките со миксер додека да се формира мазен крем. Потоа додајте го крем сирењето и соединете ги состојките со шпатула или лажица.




Кога кремот ќе добие фина конзистентност која може да се премачкува ставете го во готварски шприц, а 1/5 од кремот оставете во садот каде што го подготвувавте. Во помалата количина на крем додајте го какаото и соединете го со миксер, додека кремот да стане чоколаден.




На дрвена даска, обложена со хартија за печење, почнете да ги редите бисквите, кои претходно ќе ги натопувате во млако млеко. Бисквитите редете ги на хартијата по 3 во еден ред, вкупно 4 редови. Ќе ви бидат потребни 12 бисквити. Врз бисквитите, со помош на готварскиот шприц ставете го белиот фил во ленти, додека да ја исполните целата површина.




Бисквитите не треба да се гледаат врз филот така што празните простори од кои наѕираат бисквитите покријте ги со втор слој од белиот фил (доколку има празни простори). На средина ставете го кафеавиот фил, во повеќе слоеви (како на сликата).




Внимателно завиткајте го колачот од двете страни, со помош на хартијата, додека да добиете форма на триаголник (погледни слика). Залепете го врвот на триаголникот со помош на кремовите од двата краеви на бисквитите. Убаво прицврстете и ставете го триаголникот во фрижидер да се стегне минимум 2 часа.




Пред да го извадите колачот од фрижидер, растопете го чоколадото и павлаката за готвење, па повторно со готварски шприц прелијте преку колачот. Декорирајте по желба со бобесто овошје или нешто по ваш избор. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.