ПОСНА БАДНИКОВА ПОГАЧА: „Коледарско лепче“ со среќна паричка за здравје и бериќет. Според македонската традиција во секој дом се замесува посно „Коледарско“ лепче во кое се става метална паричка.

Најважно е за Бадник и Божиќ да се собере семејството, а за ручек или вечера се крши лепчето и кому ќе му се падне паричката се верува дека цела година ќе го следи најмногу среќа. Еве што ви е потребно според рецептот на Маријана:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

700 г брашно
1 коцка свеж квасец (30-40 г)
400-450 мл вода
1 лажица сол
1 лажица шеќер
50 мл масло

ПОСТАПКА:

Изронете го квасецот и заедно со шеќерот и две лажици брашно растворете го во топла вода. Оставете 10-15 минути на топло место додека да се активира и запени.

Во подлабок сад просејте го брашното и помешајте го со сол. Додајте го маслото и активираниот квасец.

Замесете го тестото со рака додека тоа да стане комапктно. Треба да биде меко по густина, но да се одвојува од ѕидовите на садот и да не се лепи за рака.

Обликувајте го во топка и премачкајте го со малку масло. Покријте го и оставете го на топло место да ферментира 45 минути или колку што е потребно за да го удвои волуменот.

Стасаното тесто истресете го на набрашнета површина и нежно премесете го малку колку да го истиснете вишокот воздух од него, но не треба да го гмечите. Поделете го на два дела и обликувајте две топки.

Едната топка покријте ја со фолија да не се суши, а во другата ставете ја паричката и нежно со оклагија малку сплескајте ја со големина на тепсијата во која ќе се пече. Калапот обложете го со хартија за печење.

Од втората топка тесто откинете едно парче и обликувајте топче со големина на тениско топче и уште едно помало, со големина на пинг понг топче. Остатокот поделете го на два дела и секој развлечете го со дланките во долги валјачиња.

Потоа големото топче развлечете го во долгнавеста тенка кора со овален облик и исечете три долги ленти.

Спојте ги на едниот крај и сплетете голема плетенка. Поделете ја на два дела и поставете ги преку погачата како „+“.

Двата големи валјаци поставете ги во положба „Х“, да се прекрстуваат во средината, а потоа сплетете ги спирално.

Оваа „спирала“ поставете ја како венче околу погачата.

Најмалото топче поделете го на 4 дела и секое развлечете го со дланката како мало врвче, па обликувајте ја буквата „С“ и поставете во секој од 4-те агли.

Погачата премачкјате ја со масло, покријте ја со кеса и оставете да ферментира 20 минути за малку да го зголеми волуменот.

Потоа ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 45 минути или додека убаво да зарумени.

Ако забележите дека погачата пребрзо ви заруменила, покријте ја одозгора со парче фолија или хартија (не ја затворајте) и продолжете со печењето. Деталите од целата постапка и „плетењето“ на погачата погледнете ги презентацијата на Маријана ОВДЕ.