Можеби сте вешта домаќинка и имате искуство со брашното и тестата, а можеби тукушто започнувате да учите нови трикови и ја запознавате убавината на месењето и обликувањето на домашните печива.
За да се измеси совршен леб, кифлички, пита, погача или разни други печива, потребно е време и искуство, да умеете да го препознатете квалитетот на брашното или да ја процените мекоста на тестото, па затоа, ако сте почетник, не треба веднаш да се разочаувате после првиот неуспех.
Меѓутоа, искусните готвачи имаат неколку трикови кои ги користат за тестото никогаш да „не им падне” или да не порасне убаво. Тие знаат во кој момент треба да се додаде клучната состојка и по кој редослед се додаваат сите останати состојки.
Всушност, кога неколкуоати ќе замесите тесто, ќе сфатите дека месењето воопшто не е комплицирано и секогаш ќе ви успева доколку следите некои основни правила. Ова се главните готвачки совети, што треба да направите за вашите теста да бидат како од најдобрите ресторани:
-Пред да започнете со месење на тестото, извадете го путерот и јајцата од фрижидер и оставете ги некое време на собна температура. Доколку ги извадите директно од фрижидер и ги ставите ладни во тестото, тие ќе ја спречат ферментацијата на квасецот и печивото ќе излезе тврдо и гуместо.
-Не претерувајте со количината од прашак за печиво или квасец, бидејќи постои можност тестото да нарасне премногу и да пукне. Прашокот за печиво обично се додава пред крајот, и тестото веднаш се става да се пече.
-Тестото секогаш печете го во загреана рерна, бидејќи сите теста кои содржат прашок за печиво или квасец, едноставно „така бараат”. Почекајте 10 до 15 минути рерната да ја постигне посакуваната температура и потоа ставете го тестото да се пече.
-ЗЛАТЕН СОВЕТ: Во секое тесто ставајте една лажица јаболкова киселина. Здраво е, тестото подобро нараснува, а покрај сè, тестото добива одличен вкус. Во текот на печењето јаболковата киселина испарува, па не грижете се дека ќе се задржи некаков мирис. Напротив, печивата мирисаат уште поубаво.