Овој колач изгледа многу интересно, а се прави брзо и лесно. Кога бев девојче, баба ми ми го кажа рецептот и оттогаш, па до ден денес го правам и на моите дечиња. Со текот на годините го усовршив рецептот и малку ги изменив состојките. Се прави брзо и лесно, не ви се потребни многу намирници за да го подготвите.

Колачот се подготвува со мерки на чаша, а што е најважно од сѐ, не треба да валкате многу садови, измерете сѐ со една обична чаша од 200 мл и соединете. Ќе ви биде потребно и еден блендер за полесно соединување на состојките, иако може и рачно да се измешаат. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПАНДИШПАНОТ: 4 јајца, 1/2 чаша масло (100 мл), 1 чаша топло млеко (200 мл), неколку капки ванилин екстракт, 1 1/2 чаша брашно (150 г), 1/2 чаша какао во прав (45 г), 1 голема лажица прашок за печиво (14 г), 1 чаша шеќер (160 г).

ЗА КРЕМОТ: 600 г бело чоколадо, 2 чаши топоп крем за готвење – 17% (400 мл), 1 лажица путер (25 г), 1 чаша млеко во прав (90 г).

ПОСТАПКА: Во блендер скршете 4 јајца, излејте половина чаша масло, 1 чаша топло млеко и неколку капки ванилин екстракт. Соединете ги сите состојки со повремено зголемување на брзината на блендерот, додека да се формира мазна и еднолична смеса. Доколку немате блендер или од некоја друга причина не го користите, соединете ги сите состојки во обичен, подлабок сад и измешајте ги енергично со жица или маталка.

Во посебен сад измешајте 1,5 чаша просеано брашно, 1/2 чаша какао во прав, 1 голема лажица прашок за печиво и 1 чаша шеќер. Малку промешајте ги состојките, па постепено започнете да ги преливате влажната смеса во сувата.

Лесно соединете ги состојките со шпатула, додека да се формира мазна и еднолична смеса, без грутчиња. Вака подготвената смеса излејте ја во обложен калап (долгнавест) со димензии 22х10 см или некој со слични димензии. На дното на калапот ставете хартија за печење, а страните на калапот премачкајте ги обично со масло.

Излејте ја смесата и рамномерно распоредете ја. Печете во загреана рерна на 180 степени, приближно 40-тина минути. Во меѓувреме подгответе го кремот: чоколадото исечете го на ситни ленти, ставете го во блендер, прелијте со 2 чаши топол крем за готвење и изблендирајте, додека чоколадото да се стопи.

Додајте го растопениот путер и млекото во прав и повторно сѐ соединете во едноличен крем. Кога пандишпанот ќе се испече, извадете го од рерна, оставете малку да се олади, па пресечете го горниот дел, за да се израмни. Напречно, поделете го пандишпанот на два еднакви дела.

Филување: пандишпан, крем, пандишпан. Завиткајте го колачот во фолија сосе калапот и ставете го да се стегне во фрижидер неколку часа или преку цела вечер. Декорирајте по желба, па послужете го на парчиња. Деталите погледнете ги ОВДЕ.