Овој рецепт за тесто може да го користите кога правите секаков вид печива како кифлички, фурнаринки, пица и други печива. Конкретно во овој рецепт ќе видите како правам пица кифлички, кои за нас се подобри и од обична пица, но филот во секој случај може да го правите по ваш избор и да користите состојки кои вам ви се допаѓаат.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 20 г свеж квасец, 300 мл млеко, 1 мала лажица шеќер, 500 г брашно + 2 големи лажици, 1/2 лажичка сол, 150 мл масло. ЗА ФИЛОТ: кечап, шунка, моцарела или некој кашкавал по ваш избор и 1 јајце за премачкување.




За подготовка на тестото не се користи јајце, туку се прави од неколку состојки многу брзо и лесно и не треба многу чекање. Доколку сакате тестото да го правите со сув квасец или инстант квасец тогаш ова се следните мерки: 7 г сув квасец и 5 г инстант брз квасец. Еве како се подготвува:




ПОСТАПКА: квасецот издробете го во еден сад (доколку користите свеж), а одозгора прелијте го со млекото кое треба да биде млако, најдобро е да отстои минимум 1 час на собна температура пред да започнете да го правите тестото.




Додајте 1 лажичка шеќер и 2 лажици од брашно во квасецот и малку промешајте. Оставете квасецот да се активира околу 10-тина минути на некое топло место. По изминатото време запенетиот квасец се префрла во поголем сад каде што претходно сте го додале брашното.




Во оваа смеса посолете со половина лажичка сол или повеќе, а потоа додајте го маслото. Замесете фино и меко тесто кое не треба да се лепи под прсти. Покријте го тестото со крпа и оставете да стасува околу 30-тина минути додека целосно да се удвои неговиот волумен.




По изминатото време тестото се развлекува на набрашнета површина и се сече во косина, на двете страни како што е прикажано на сликата подолу. Треба да добиете повеќе мали триаголници кои е потребно да ги редите на еден плех обложен со хартија за печење.




Врз секое тесто се премачкува фил, односно прво се премачкува со кечап, па одозгора се става тенко парче шунка и парче моцарела или некој кашкавал по ваш вкус. Се завиткува во кифлички и секоја кифличка се премачкува со разматено јајце.




Пица-кифличките се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 25 минути, во зависност од јачината на рерната. Послужете ги топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.