Овие сендвичи се подеднакво вкусни кога се топли и ладни. Исклучително вкусно, прилично брзо и лесно. Некои ги нарекуваат топли сендвичи, а други ги нарекуваат пица калцоне или затворена пица. Кога немате идеја што да подготвите за ручек или вечера, направете ги овие вкусни печива од рерна, повкусни се и од класичната пица.

Дечињата навистина ги обожаваат сендвичите и ми велат дека се подобри и од пицерија. Може да ги полните со намирници по желба, јас ги филувам со класични намирници или она што ќе ми се најде во фрижидер, како шунка, кашкавал, печурки… Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 700 г мазно брашно, 7 г шеќер, 7 г сув квасец, 200 мл млака вода, 50 мл масло, 200 мл јогурт (може да биде течен или цврст, не е важно), 10 г сол. ЗА ФИЛОТ: 200 мл пасирани домати (доматен сос), малку црн пипер, две прстофати сув босилек, прстофат оригано, прстофат сол, 7 г шеќер, 1 лажица масло (може да биде маслиново или сончогледово).

Сос за прилог на крајот: 200 г кисела павлака, 10 г сенф, 50 г мајонез, црн пипер, 2 чешниња лук (притиснати или исечкани). И уште ќе ви биде потребно: 200 г шампињони, 300 г пица кашкавал (што и да имате на располагање), 200 г шунка.

ПОСТАПКА: На почетокот веднаш подгответе го сосот од домати и сосот за прилогот на крајот. За доматниот сос измешајте го со малку црн пипер, сув босилек, оригано, сол, шеќер и масло. Соединете сѐ добро. За вториот сос измешајте ги киселата павлака, сенфот, мајонезот, црн пипер и 2 чешниња лук, поминати низ преса.

Покријте ги двата сосови и чувајте ги во фрижидер до употреба. За подготовка на тестото: одделете само 3-4 лажици (30-40 г) од вкупната количина на брашно (700 г) во посебен сад каде што ќе го нараснете сувиот квасец. Во издвоеното брашно додајте сув квасец, шеќер и млака вода, измешајте и оставете 5 минути на собна температура.

Откако ќе набубри квасецот, во истиот сад додајте масло и јогурт и убаво измешајте. Јогуртот треба да биде замлачен, на собна температура. Замесете тесто со постепено додавање на брашното, помешано со солта и оставете го да стасува 40 минути покриено.

Кога тестото ќе ја удвои својата количина, пренесете го на рамна и набрашнета маса, премесете го уште малку и поделете го на 4 еднакви делови. Секој дел обликувајте го во топче кое треба да тежи нешто помалку од 300 г (295 г). Развлечете го секој дел со оклагија, само 2-3 милиметри во дебелина со дијаметар од околу 35 см.

СОВЕТ: Пред да го ставите филот, вклучете ја рерната на максимална температура без вентилатор. Рерната треба добро да се загрее. На средина од развлеченото тесто премачкајте со претходно подготвениот сос од домати, наросете рендана или ситно сечкана шунка, а потоа ставете го и кашкавалот (рендан или цели парчиња).

Дoколку филувате со печурки, имајте на ум дека пуштаат многу течност, добро е уште на почетокот кратко да се пропржат во тава без масло. Штом течноста испари, изладете ги печурките настрана до употреба. Филуваното тесто преклопете го на половина и завиткајте ги краевите како ролат.

Вака подготвените сендвичи редете ги на плех обложен со хартија за печење. Прво се печат 2 пици, па потоа останатите 2, бидејќи се големи и не ги собира сите во плехот. Печете ги на најдолната решетка, приближно 8 минути или додека да поруменат.

Премачкајте ги со масло и послужете со сосот за пица како прилог што го направивте на почетокот. Деталите подгледнете ги ОВДЕ. Прочитајте: Рецепт за најдобрите калцони – кога ќе гризнеш во крцкавото тесто, а во него сè добро, многу сочно и вкусно – ОВДЕ.