Рецепт и видео презентација на Том Филос. Затворените калцони приготвени по овој рецепт имаат одличен вкус изгледаат совршено. Тестото е фино и меко, однадвор корцкаво, а внатре филувано со состојки во совршена комбинација.

калцони / Том Филос

Потребни состојки: 220 мл топла вода, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сув квасец, 400 г брашно, 1 лажичка сол, малку масло за премачкување на тестото и 1 жолчка со 2-3 лажици млеко за премачкување на калцоните

калцони / Том Филос

Постапка: во подлабок сад ставете 220 мл топла вода, една лажичка шеќер, една лажичка сув квасец и промешајте со жица за матење за убаво да се растворат состојките. Во смесата постепено додајте 400 г брашно (додавајте лажица по лажица и матете за да нема грутчиња). На крај додајте една лажичка сол и продолжете со мешање.

Месењето продолжете го рачно додека тестото да стане мазно и еластично. Убаво изработете го на работната површина, формирајте топка и премачкајте го со масло. Оставете го во намастен сад и покријте го со проѕирна фолија да стасува на собна температура 90 минути.

Стасаното тесто истресете го на набрашнета површина, премесете го и поделете го на два дела, а од секој дел повторно формирајте топка. Потоа со помош на оклагија развлечете кора со величина на поголема чинија, па по желба ставете сè што би сакале да ставите на пица.

ПРЕДЛОГ ЗА ФИЛ: доматно пире/кечап, сечкани печурки, рендан кашкавал, сечкан кашкавал/шунка…. Секако, можете да ставите и фил по ваша желба, како свежо сирење, ситно сирење помешано со крем сирење или кисела павлака, сирење со спанаќ, жунка и кашкавал…

Кората поклопете ја на половина и со прстите притиснете ги краевите за да се залепи тестото, за да не истекува филот при печењето. Направете витки (плетење на краевите на тестото, како што порано се затворале зелниците).

калцони / Том Филос

Вака приготвените затворени калцони ставете ги во плех обложен со хартија, одозгора премачкајте ги со изматена жолчка и малку млеко и ставете ги да се печат во добро загреана рерна на 250 степени, околу 15 минути или додека убаво да заруменат.

Послужете ги топли со чаша убав јогурт или кисело млеко. Ако случајно сте направиле повеќе и неколку ви останат, можете да ги јадете и подоцна, вкусни се и кога се ладни. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.