Фото и рецепт: Ветосине

Ова е мој начин за приготвување на пиперките со сирење. Мене ми е најпрактичен бидејќи не мора да се менува солилото и не ми зазема простор во фрижидерот. Рокот на траење е околу 3 месеци.

Потребни состојки:

Зелено-жолти пиперки
Урда или ситно сирење
Сол, половина лажичка за една пиперка
Солена вода (4 литри вода + 1 кг сол)

Постапка:

Прво се приготвува солената вода. Се раствора 1 кг сол во 4 литри врела вода. Солта треба целосно да се раствори, а потоа се остава добро да излади.

Пиперките се мијат и чистат од семето. Црвените пиперки имаат пократок рок на траење, па доколку ставите неколку црвени пиперки, гледајте прво нив да ги искористите.

Во секоја пиперка се става по половина лажичка сол и со прстите убаво се размачкува по внатрешниот ѕид.

Потоа пиперките наполнете ги со урда или дробено сирење.

Кога солената вода добро ќе се олади, започнете со пакување на пиперките. За таа цел се користат кеси за замрзнување. Во секоја кеса се ставаат по 1-2 пиперки, се истиснува воздухот и се затвора со “мртов јазол”.

Кесите со пиперките веднаш се ставаат во кофа или големи тегли (зависи колку ќе ставате) и одозгора се притиснуваат со чинија и нешто тешко. Се прелеваат со ладната солена вода. Кесите со пиперките треба целосно да бидат потопени во водата.

Ова може да прави во слоеви: неколку кеси – потисок-солило – кеси – потисок – солило…

Вака приготвените пиперки ги чувам на тераса, без разлика дали е ладно или топло, бидејќи солената вода не дозволува нагло менување на температурата и служи како изолатор. Сум ги оставала на тераса и кога температурите биле минус, но пиперките си беа во ред, не замрзнаа.

Вака може да седат околу 3 месеци ако не ги изедеме порано.

После две седмици беќе може да се користат. По потреба вадам 2-3 кесички. Пиперките ги сечам на трклаца со дебелина од 1 см, ги наросувам со свеж сечкан магдонос и црвен пипер. Може сами од себе да си пуштат малку сок во кесите – тоа е нивниот сопствен сок, бидејќи водата од солилото не може да навлезе преку кесите.