Многу се вкусни, воздушести и навистина се меки како памук.
Потребни состојки: 900 г брашно тип 500, 1 сув квасец (7 г), 2 јајца, 400 мл топло млеко, 180 мл масло, 1 лажица шеќер и 1 лажичка сол
Постапка: во еден сад додадете топло млеко, а потоа масло, две белки од јајце, една лажица шеќер и едно кесиче сув квасец. Промешајте убаво.
Во течната смеса со квасец започнете постепено да додавате брашно и едно мало лажиче сол. Постепено замесете го тестото со додавање на брашно по потреба.
На набрашнета работна површина измесете го тестото, па оставете го во намастен сад (и тестото од сите страни намастете го за да не се суши), покријте го со најлон и оставете го на топло да го удвои волуменот.
Најдобро е да се остави околу час и половина до два часа.
Потоа тестото префрлете го повторно на набрашнета подлога и сечете помали топчиња. Секое топче со оклагија развлечете го во правоаголна кора, засечете ја на повеќе места, филувајте со вашиот омилен фил и свиткајте во кифла.
Направените кифлички се редат во плех обложен со хартија, се покриваат со крпа, се оставаат да ферментираат уште малку, па се премачкуваат со жочка и се печат во загреана рерна на 190 степени околу 15 минути или додека да добијат златна боја.