Ако досега не сте ги пробале, мора еднаш да ги направите овие вкусни печива, во облик на цветови. Дома ги нарекуваме памучни ѓевречиња, бидејќи тестото е меко и едноставно и не се стврднува откога печивата ќе се оладат.
Остануваат меки како свежо да сте ги подготвиле. Печивата може да ги пржите или да ги печете, како повеќе ви одговара.
Овие печива се подготвуваат благи, но може да бидат и солени. Тестото е меко и едноставно и се замесува на вообичаен начин и не бара многу труд околу него. За тестото ви е потребно 1 јајце и малку млеко и брашно.
Доколку се одлучите за благи печива, во тестото додајте сок од портокал за да имаат ароматичен и цитрусен вкус, а ако ги сакате солени, изоставете ја оваа состојка. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 г брашно, 1 јајце, 2 супени лажици шеќер, 2 лажици масло, 90 мл свежо цеден сок од портокал (за благи печива), 120 мл топло/млако млеко, прстофат сол, 8 г сув квасец, 1 лажица растопен путер, шеќер во прав (за наросување на благи печива), малку масло.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 2 лажици шеќер, додајте 8 г сув квасец (1 мала лажичка), промешајте, па сипете 120 мл топло млеко (половина шолја).
Млекото не смее да биде зовриено, доволно е да е млако. Промешајте ги состојките и почекајте квасецот да се активира, па потоа продолжете со замесување на тестото.
Додајте 1 јајце на собна температура и со шпатула измешајте го во течната смеса. Потоа, додајте 2 лажици масло и цеден сок од портокал, измешајте, па постепено додавајте го брашното, помешано со прстофат сол.
Замесете фино и меко тесто кое треба да биде компактно и да не се лепи. Откога ќе го соедините тестото, малку притиснете го со прстите во садот и на средина направете вдлабнатина.
Во вдлабнатината излејте 1 лажица растопен путер и полека соединувајте додека путерот целосно да се апсорбира во тестото. Вака замесеното тесто оставете го во садот, покријте го со крпа и оставете да ферментира 30-тина минути.
Кога ќе го удвои волуменот, премесете го уште малку на набрашнета површина, па поделете го на два дела.
Од овие два дела, поделете уште 4 или 5 парчиња (јас од едната половина поделив 4, а од другата 5). Секој дел обликувајте го во топче и оставете ги да одморат под крпа уште неколку минути.
Потоа, секое топче развлечете го во тенок валјак, завиткајте како потковица, па прекрстете ги долгите страни.
Потоа, секоја страна испреплетувајте ја кон внатрешноста на тестото, така што ќе се добијат теста со изглед на цветови (детално погледнете во видеото подолу). Кога печивата ќе нараснат изгледаат поубаво и навистина имаат налик на цвет.
Вака подготвените теста оставете ги под крпа и почекајте да нараснат уште 20-тина минути, а за тоа време размислете дали ќе ги печете или пржите.
За пржење, загрејте малку масло во тавче (не се пржат во длабоко масло) и пржете ги додека фатат златна боја, на умерена температура. Вака подготвувањето оди побрзо.
Доколку се одлучите да ги печете, наредете ги во плех обложен со хартија за печење и печете ги на 180 степени, додека да позлатат и да омекнат (претходно премачкајте ги со жолчка).
По подготовката, доколку сте подготвиле благи печива посипете ги со шеќер во прав. Деталите погледнете ги ОВДЕ.