Овојпат ви го откриваме рецептот за лековитиот чај приготвен со Млечен трн.

Билката Млечен трн (Silybum marianum) се смета за чувар и заштитник на црниот дроб и најмногу се употребува за детокс и лекување на овој важен орган.

Благодарение на состојката која ја содржи – силимарин, придонесува за регенерација на клетките од црниот дроб и ги намалува оштетувањата настанати поради поголема количина на лекови, пестициди од храна, загаден воздух, токсини и тешки метали.

Млечниот трн исто така, поттикнува производство на жолчен сок со што придонесува за подобра дигестија на храната. Денес во аптеките можат да се најдат голем број лекови кои се базираат на оваа лековита состојка.

РЕЦЕПТ

Потребни состојки:

1 лажица сува билка (најлековито е семето)
200 мл врела вода

Постапка:

Сувата билка прелијте ја со врела вода. Оставете да отстои поклопено 15 минути, процедете па испијте (најмногу силимарин се содржи во семето, но лековита е целата билка).

Чајот се пие 2-3 пати дневно или според препораките на фармацевтот или вашиот лекар.

МЛЕЧЕН ТРН

Млечниот трн (Silybum marianum) претставува вид на бодликава билка со розево-пурпурни цветови која потекнува од Медитеранскиот регион, но е распространета низ долините и планинските падини ширум светот.

При кршење на листовите или стеблото на ова растение истекува млечна бела течност заради која млечниот трн го добил своето име.

Тој во традиционалната кинеска медицина се употребувал за третман на болести на црниот дроб уште пред 2000 години, а за неговата лековитост знаеле и старите Грци.

Млечниот трн содржи околу 65-80% силимарин (комплекс на флавонолигнани и флавоноиди) и 20-35% масни киселини и има хепатопротективни, антивоспалителни, антиканцерогени и имуностимулативни дејства.

Млечниот трн е одобрен уште во 1986 год. од здравствените институции во Европа како медицинска билка за третман на црнодробни заболувања и успешно се користи за третман на заболувања на црниот дроб, како:

-цироза, хепатитис, некроза и црнодробно оштетување предизвикано од алкохол, лекови (постстероидна терапија), отровни печурки (Amanita phalloides) и др. токсични материи.

Ги заштитува црнодробните клетки преку спречување на навлегувањето на штетните токсини и отстранување на истите од клетките.

Исто така ги поправа оштетените клетки и ја зголемува синтезата на протеини во клетката, што доведува до клеточна регенерација и репарација. Има и антиоксидантно, антиинфламаторно и имуномодулаторно дејство.

Млечниот трн исто така покажува одлични резултати во:

-намалувањето на холестеролот,

-намалувањето на резистентноста кон инсулин кај заболените од тип 2 дијабет,

-намалување на растот на канцерските клетки кај карциномот на дојка, цервикс и простата,

-ги намалува симптомите на апстиенцијалниот синдром, состојби на конгестија на бубрезите, слезената карличните органи,

-истовремено е и умерен лаксатив,

-ги омекнува и навлажнува мукозните мембрани, бубрезите и мочниот меур, иритирани од воспаление. Истото се однесува и за кожата, заради што помага при состојби на акни, егзем, воспаление и сл.

Силимаринот има антивоспалително дејство и ги регулира инфламаторните медијатори како TNF, TNF-алфа,

-азотоксид, интерлеукин-6 и е антагонист на интерлеукин-1 рецептор, ја зголемува лифоцитната полиферација, интерферон гама, интерлеукин-4 и интерлеукин-10 цитокини.

Млечниот трн треба да се избегнува кај бремени, доилки, и луѓе со историја на хормонски – зависни карциноми.

Исто така доколку користите некои од следниве медикаменти, консултирајте се со лекар пред употреба на млечниот трн:

-антипсихотици, халотан, фенитоин, лекови за алергија,

-лекови за намалување на холестеролот, анксиолитици, антикоагулантни лекови и некои од лековите за карцином, лекови за намалување на шеќерот во кревта,

-орални контрацептиви, антибиотици (еритромицин, рифампин), антидепресиви, антихистаминици, антипсихотици, седативи.