ОБАРЕНИ ПИПЕРКИ ЗА ЗИМА ПО РЕЦЕПТОТ НА БАБА МИ: без конзерванси и без пастеризација. Рецепт на Бојана од Бокина Кујна. Обарени пиперки за зимница по старински рецепт, вака ги правеше баба ми, а по неа и мајка ми.




Потребни состојки: 3 кг пиперки. ЗА ПРЕСОЛ: 2 литри вода, 400 мл ал-кохолен оцет (4% или 9%), 250 мл масло, 125 сол и 125 шеќер. Други потребни состојки: свежо исечкан магдонос, свежо исечкан лук, црн пипер во зрна.




Постапка: Количината на пиперки не мора да изнезува 3 кг, тоа останува на вас во зависност од тоа колку зимница сакате да подготвите. Во големо тенџере ставете ја водата и оставете да се загрее на средна температура.




Кога малку водата ќе се загрее, а се уште не е зовриена во неа додајте ги солта и шеќерот и промешајте за да се растопи. Кога водата ќе биде пред вриење додајте го маслото и ал-кохолниот оцет и добро промешајте. Може да користите ал-кохолен оцет 4% или 9%.




Додајте ги пиперките во тенџерето колку што собира, па оставете ги да варат не повеќе од 2 минути. Потребно е да бидат обарени, но сепак да останат малку тврди и крцкави. Никако не ги преварувајте.




После 2 минути, вадете ги пиперките со решеткаста кутлача и ставете ги на рамен сад малку да се исцедат и да се оладат, а во меѓувреме обарете ја втората тура доколку не ви ги собрало сите пиперки во тенџерето.




Важно е теглите во кои ќе ги складирате пиперките да бидат претходно стерилизирани. Во теглите започнете да ги редите пиперките со благо притискање, а по секој ред наросувајте по малку сечкан магдонос и лук.




Повторно наредете од пиперките, па повторно наросете од магдоносот и лукот додека да ја исполните целата тегла. Значи еден ред пиперки, еден ред магдонос и пиперки,а на крајот се завршува со магдоносот, пиперките и црн пипер во зрна.




За пиперките да не ви излезат од теглата при отворање, земете едно стапче за ражнич или чепкалка за заби и направете пресек како плус во теглата од едниот до другиот крај за да ги држи пиперките.




Врз пиперките наросете малку црн пипер во зрна. Последниот чекор е да прелиете со пресолот до врв во секоја тегла, но важно е да запомните дека тој треба да биде топол. Доколку е малце подизладен, загрејте го на рингла до вриење.




Во поголема тепсија ставете голема крпа, пешкир или чаршаф и добро завиткајте ги теглите да се изладат на собна температура. Наредниот ден префрлете ги теглите во шпајз или на некое друго темно и ладно место. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.