Новиот рецепт за овие превкусни пиперки во кисело млеко ни доаѓа од „Мое Катче“, а самата подготвка е многу лесна и едноставна, ќе треба да одвоите само неколку минути од вашето време. Одлично одговараат како прилог на пити и разни други печива. Пробајте!

Колку подолго стојат, толку повеќе стануваат сè подобри и подобри. Бидејќи содржи млечен производ, односно кисело млеко, вака приготвените пиперки мора да се чуваат во фрижидер, па затоа направете си помала количина, колку што му е потребно на вашето семејство.

пиперки во кисело млеко

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г пиперки исчистени од внатрешноста (сомборки или некој друг вид, по ваш избор), 1 литар млеко, 1 чаша јогурт (од 180 мл), 1 лажица сол и 1 лажичка шеќер

ПОСТАПКА: Пиперките добро измијте ги со ладна вода, исцедете ги, отсечете им ја дршката и исчистете ги од внатрешноста, односно од семето и жиличките. Во овој случај користиме пиперки сомборки, бидејќи се бамбурести, со средна величина и имаат убав вкус.

Во едно длабоко тенџере ставете еден литар вода, па ставете на оган да зоврие. Кога ќе се загрее водата доволно, додајте една супена лажица сол и промешајте за да се раствори.

пиперки во кисело млеко

Потоа на неколку наврати ставајте ги пиперките во водата, колку да омекнат. Ставајте по 7-8 пиперки колку што собира, почекајте водата повторно да зоврие (околу 2 минути), па со помош на решеткаста лажица или виљушка вадете ги пиперките настрана и ставете нова тура.

Добро исцедете ги и ставете ги во посебен сад. Кога ќе ги завршите сите пиперки започнете со приготвувањето на млекото. Ставете го на умерен оган и почекајте да се загрее, но само да се замлачи, не смее да биде премногу топло.

Во еден литар млако млеко додајте една кафена лажичка шеќер и промешајте за да се раствори (ќе биде храна за биокултурите). Потоа додајте 180 мл јогурт и промешајте добро да се раствори во млекото и да се активираат културите.

Во три стерилизирани чисти стаклени тегли распоредете ги пиперките, па одозгора внимателно прелијте ги со растворот од млеко и јогурт. Добро исполнете ги теглите и ако е потребно со виљушка поднаместете ги пиперките.

Потоа теглите затворете ги со стерилизирани метални капаци (или претходно пребришани со алкоxол), па прекријте ги со крпа или ќебенце за да бидат затопелни. Оставете ги на собна температура или топло место да отстојат околу четири часа.

За тоа време активните култури ќе го ферментираат млекото и ќе се добие прекрасно кисело млеко со неодолив вкус на пиперките. Ова мора да го пробате, нема да се покаете. Теглите чувајте ги во фрижидер. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.